Јас го гледав La Isla Minima уште во вторникот, но поради ненормално напорната недела за мене, не стигнав ништо да пишам. Филмов неверојатно потсетува на True Detective, тоа е неоспорен факт, и по атмосфера, нивото на дијалозите, кинематографијата, музиката, приказната... И тоа не е лошо, воопшто. Ликовите се перфектно извајани, до најситни детали. Се гледа болката во очите на мајката, таа нишка на перверзност/настраност во очите на едниот детектив за кој колку и да си велиме дека е ОК, дека е на „страната на добрите“, сепак тоа не потсетува дека стои на тенката црвена линија помеѓу нормалното и страната на психопатите (барем јас така го почуваствував)... Ова е еден од оние филмови во кои не можеш до крај со сигурност да кажеш кој е добар, а кој лош лик. Зад секое ќоше се крие опасност, секој има некакви свои мрачни тајни, поврзани или не со убиството на девојките, секој е на некаков начин поврзан со нив, и крие нешто... На некој начин ова може да се чита и како метафора за човековата нарав, ако одиме во подлабока анализа. Она што мене особено ми се допадна, пак, се пејсажите снимени од птичја перспектива (повторно метафора: ги нема луѓето, тие се толку малечки, најчесто не се ни гледаат во кадарот, а сепак прават толку лоши работи, што менуваат нечии цели светови):
Она пак, што не ми се допадна во филмот е pacing-от, темпото со кое се придвижуваа работите. Може е до мене, може во таков mood сум бил во моментот, но ми делуваше преспор, и на моменти ме фаќаше досада. Затоа и не му ставив повисока оценка од 7/10, иако, генерално можам да кажам дека е одличен филм, и веројатно, објективно, заслужува и повеќе.