"Болен" Вардар го чека Брацо за "лек"!
* За "црвено-црните" труењето на фудбалерите е многу мал проблем, во однос на суштинската финансиска "болест" која долго време го "затрула" нашиот најтрофеен клуб а за која сe уште се чека на "терапијата".
Со неодигрувањето на претходно одложената првенствена средба со Хоризонт Турново поради труењето на 11 фудбалери, според доставеното образложение до ФФМ, "вардарци" вчера само индиректно се "согласија" службено да го загубат и дуелот од четвртото првенствено коло на тој начин заокружувајќи го резултатски, во голема мера можеби и очекуваниот со оглед на летните случувања во клубот, катастрофален старт на новата сезона.
Од Вардар, без официјална изјава, и вчера само потврдија дека е неможно стомачниот вирус на поголемиот дел од своите првотимци да биде надминат за само два дена поради што дефинитивно не се согласија со одлуката на ФФМ вчера да биде одигран дуелот со Хоризонт во Турново. Меѓутоа, факт е дека деновите на мирување поради "труење" во клубот единствено што успеаја е само дополнително да ја потенцираат суштинската болест од која всушност неколку години е "затруен" нашиот најтрофен клуб, а за која се уште се чека на "терапијата" - финансиите. Труењето на фудбалерите, доколку и реално постои, со оглед на тоа што ќе мине и ќе биде заборавено за ден-два, е многу мал проблем во однос на финансиските и структурно-организациските проблеми кои и еден месец по стартот на сезоната ги мачат "црвено-црните". Фудбалерите и натаму играат без ниту еден денар, стручниот штаб под минимални услови го обработува тренажниот процес, Вардар е соочен со најавите за стопирање и на неговите настапи на националната арена "Филип Втори" поради наталожениот долг кон ЈПССДП, а оптоварен е и со забраната од Финансиската полиција на РМ и УЈП за функционирање со блокирана сметка. Претседателот Драги Сетинов претходно нагласуваше дека веднаш по неговото комплетно преземање на клубот во јули ќе биде промовиран новиот финансиер - но од тоа с$ уште ништо. Токму поради тоа и од таборот на "вардарците" веќе с$ помалку кријат дека единствениот "лек" за себе го гледаат во финансиската палка на поранешниот спонзор Слободан Брацо Вујчиќ, кој некако на крајот останува како единствена можност во напатениот ни фудбал за клупски финансиски живот. Не е тајна дека изминатиов период од Вардар течат и интензивни разговори за враќање на Брацо во клубот, а за многумина е познато и дека Вујчиќ во извесен мал дел и изминатиов месец го помага клубот колку да го "издржи" прволигашкото натпреварување, иако тоа официјално никој не сака да го потврди...
Според нашите информации, можно е многу брзо да биде официјализирано враќањето на Слободан Брацо Вујчиќ во Вардар процес кој би бил неизбежно следен и од меѓусебен договор за прекин на соработката со Работнички... Меѓутоа, од друга страна, реален факт е дека Вујчиќ и натаму постојано потенцира дека негово единствено можно враќање во најтрофејниот македонски клуб би било по судски пат, со завршувањето на процесот кој од Апелација е вратен во Општинскиот суд Скопје.
"Јас постојано нагласувам дека очекувам разрешница по судски пат околу случувањата во Вардар од пред две години. А, с$ до тогаш не може да стане збор за преземање на Вардар", е добро познатиот став на поранешниот вардаров финансиер, кој с$ уште е во важност во очекување на судската разрешница која се најавува до крајот на годинава.
В.Булатовиќ
Деновиве исплата на долгот од 22.000 евра кон ФФМ
Согласно нашите информации, од актуелното раководство на Вардар деновиве подготвуваат исплата и на долгот на клубот кон ФФМ во висина од околу 22.000 евра со што би се остранила казната за "црвено-црните" за реализирање на трансфери.
Најавите се дека во тој случај веднаш би се регистрирале неколку фудбалери кои се со раскин на договорите на штета на клуб. Минатиот месец како можни нови имиња во Вардар беа најавени Емир Шабани, Бобан Џангаровски, Ментор Идризи, Агиналдо Брага, Омер Бишевац..., но токму поради казната од ФФМ не можеа да бидат регистрирани во вардаровиот дрес за новата сезона.
Турновци без "борба" со службени 3 бода
Откако вчера, согласно најавите, Вардар не допатува на првенствениот натпревар со Хоризонт во Турново, "турновци" како што истакна Комесарот за натпревари, Миле Спиркоски со службени 3:0 ќе ја добијат средбата. Новите три бода од "зелена маса" за Хоризонт значи само дополнување на одличниот старт и освојување на врвот од првенствената табела по четири натпреварувачки кола.
А, вчера, во Турново домашната екипа заедно со судиите и останатите службени лица, според правилата, на теренот 30 минути го очекуваше доаѓањето на гостите. Откако "вардарци" не пристигнаа, официјално од страна на службените лица беше ставена точка на оваа епизода. Според најавите од ФФМ, Вардар сега го очекува одземање и на три бода како и парична казна од 2.500 евра.
"Црвено-црните" ќе се жалат до ФФМ
И покрај првичните најави од ФФМ за службена регистрација на неодиграниот натпревар со Хоризонт Турново, од Вардар најавуваат дека веднаш ќе поднесат жалба на одлуката од страна на комесарот за натпревари за одигрување на средбата, но и жалба околу евентуалното изрекување дополнителни казни за клубот.
Според "вардарците" навистина е нејасно како натпреварот може да се одложи за само два дена и покрај тоа што се работи за здравствени проблеми на поголемиот дел првотимци утврдени и со лекарски извештај кои не може да се надминат за 24 или 48 часа. Повикувајќи се на правилникот за натпревари од Вардар ќе бараат презакажување на дуелот.