Шкендија и Тетекс ја "бркаат" Ренова од Тетово!
*Според реалната состојба, и наши неофицијални информации двата градски клуба ќе ги штитат своите интереси и нема да се согласат да играат на ист стадион со тимот од Џепчиште
Есенскиот шампион Ренова следната сезона може да се соочи со голем и реален проблем. Имено, како што стојат работите, Тетово во сезоната 2010/2011 ќе има дури три прволигашки екипи. Тетовските "сино-бели" се лидери и секако со големи шанси да ја освојат титулата, што значи дека идната година се во "елитата". Тетекс во зимскиот преоден рок направи добар тим, а во моментов се наоѓа на 8. позиција на табелата со 17 бода, четири повеќе од Вардар, а дури 14 од Милано. Со оглед на тоа дека Слога и Македонија ЃП се префрлени во најнизок ранг на натпреварување, оваа сезона нема да има прволигашки екипи кои директно ќе ја напуштат лигата.
Доколку се случи Тетекс да игра бараж натпревар, судејќи според составот на тимот кој го има, и разликата во квалитетот со второлигашите, речиси сигурно останува во "елитата". Полека но сигурно, со големи чекори кон нашата најдобра фудбалска лига се враќа уште еден тетовски тим. Шкендија е на првото место во Втората лига со четири бода предност во однос на второпласираната Брегалница и третопласираното Скопје. Но останатите второлигаши го немаат она што го има Шкендија. Стабилен спонзор и силно квалитетен тим, па поради тоа само чудо може да ги спречи да се вратат онаму каде што им е местото, а тоа е "елитата". Доколку сите овие работи се исполнат, а секако тоа и ќе се случи, тогаш во Тетово добиваме ситуација која ја нема никаде во светот и Европа, а никогаш и кај нас не се случила. Ќе имаме три екипи кои ќе се натпреваруваат во иста лига, во ист ранг, а ќе делат само еден стадион, Градски во Тетово. Поради тоа се поставува прашањето дали една ваква ситуација е функционална во нашата Прва лига. Дали сите три екипи може да играат на истиот стадион, а при тоа да не се нарушуваат распоредот и квалитетот, секако и регуларноста на натпреварувачката сезона. Според наши неофицијални информации, Шкендија и Тетекс ќе си ги бранат своите интереси, односно како постари станари на Градски во Тетово, и тимови кои се од овој град, нема да сакаат да го делат "домот" со Ренова. Односно ќе бараат само тие да играат на Градски. Познато е одамна дека првиот човек на "гипсарите", Кенан Идризи, планираше изградба на сопствен стадион кој ќе ги задоволни потребите за Прва лига и кој секако би бил само на Ренова. Но до тоа не дојде. Овој тим с$ уште е под "кирија" на Градски. Токму поради тоа што седиштето на овој тим е Џепчиште, неофицијално Шкендија и Тетекс ќе ја "избркаат" Ренова од Градски. Една од варијантите за Ренова како домаќин е натпреварите да ги игра во Џепчиште, секако со нов стадион или, пак, да се пресели во Гостивар.
Инаку, блиску луѓе до приватната компанија "Билд Интернационал", која е концесионер на Градскиот стадион во Тетово, велат дека што се однесува до нивната компанија нема да има проблем трите екипи да играат на истиот стадион. Односно потенцираат дека тие ќе обезбеделе услови за такво нешто. Како што самите велат, подобропласираните екипи ќе играат во недела, а послабата екипа на табелата ќе игра во сабота. Сето тоа е ок, но се поставува прашањето колку ова е практично изводливо. Теренот е катастрофа, а секако освен тоа дали ќе може да се изведе распоредот на натпреварите, а при тоа да не се наруши регуларноста на сезоната. Можеби есенскиот и пролетниот дел ќе се испланираат, но што е со "Бергеровиот систем"? Што доколу сите три екипи се погодат во исто коло да бидат домаќини и како ќе се изведе тоа? Се рабира дали ќе се запази регуларноста на првенството ако се знае дека последните неколку кола мора да се одиграат во ист термин. Доколку дотогаш сите екипи бидат домаќини на Градски во Тетово, во овој случај барем една екипа ќе мора да го смени стадионот. И тогаш првата екипа која ќе треба да си замине е Ренова. Како и дали една ваква состојба, која ќе биде прва во мак-фудбалот, ќе биде соодветно решена, останува да се види.
Е.Растодер
Клубовите плаќаат по 500 евра за натпревар
За да го користат Градскиот стадион во Тетово, според наши неофицијални информации, прволигашките клубови плаќаат по 500 евра за натпревар. Со оглед на тоа дека под трибините функционираат и неколку дуќанчиња, исто така плаќаат одредена сума за кирија. Се поставува прашањето на што се трошат тие пари ако се знае дека во последно време ама баш ништо не е реновирано на овој стадион и се знае дека с$ повеќе и повеќе теренот, па и трибините пропаѓаат. Каде одат тие пари, едноставно не се знае, по се знае дека за стадионот сигурно не.
Ваков случај не е предвиден во пропозициите на ФФМ
За оваа сезона која е во тек, во пропозициите на ФФМ, во членот 4 детално се објаснети должностите на клубовите кои треба да ги исполнат како прволигаши. Од овој член точка 1 се вели дека клубовите од Првата МФЛ мора навреме да обезбедат свој или по договор стадион со службени простории и сите неопходни инфраструктурни потреби. Тоа секако не е проблем. Но со оглед на тоа дека повеќето екипи немаат сопствен стадион кој ги исполнува условите, тимовите пријавуват други терени, како што е случајот со Ренова, потоа Работнички. Сепак, во овој член нема објаснување или услов кој ќе ги реши евентуалните недоразбирања доколку се појават три екипи кои пријават натпревари на ист стадион, а се дел од иста лига и секако се поклопува распоредот. Можеби вакво нешто не е објаснето бидејќи би бил прв случај во мак-фудбалот.
Стадионот мора да има посебни места за новинарите!
Во пропозициите на ФФМ за оваа сезона, во член 5 точка 9 убаво е објаснето дека покрај другите обврски, клубовите домаќини мора да обезбедат посебни, покриени и прегледни места за новинарите каде ќе имаат приклучици за електрична енергија и телефон. Одлично, но проблемот е тоа што малку од стадионите во Прва лига го обезбедиле овој услов.