Еден од водечките македонски тренери, Марјан Лазовски, смета дека Струмица 2005 е голем фаворит викендов да се закити со својата прва шампионска титула во клупската историја. Лазовски ги искажа неговите видувања за синоќешниот дуел од финалната серија, како и прогнозите и очекувањата во пресрет на петтиот финален натпревар, помеѓу Струмица 2005 и Фершпед Работнички, закажан за сабота:
- На синоќешниот дуел против Струмица 2005 проработи инаетот кај играчите на Фершпед Работнички. Тие конечно одиграа натпревар на кој, покрај добрата игра, недвосмислено можеше да се види и нивната желба за победа, за разлика од претходните три средби од финалната серија. Се играше тимски, направени беа повеќе добри акции, што не беше својствено за претходните натпревари, кога најчесто се одеше на соло завршница. Доказ за ова мое тврдење се 11 асистенции на домашните играчи. За разлика од нив, кошаркарите на Струмица 2005 одиграа под своите реални можности. Гоцевски, кој беше прв играч на двете средби во Струмица, синоќа не одигра скоро ништо, многу слаб беше и Грнчаров. Единствено Богоев и Хаџивасилев беа на своето вообичаено ниво.
Фершпед Работнички на оваа средба покажа дека кога неговите бекови играат добро, целата игра функционира добро. - вели Лазовски.
И покрај тоа што Фершпед Работнички го подигнува нивото на својата игра од натпревар, сметам дека предноста на Струмица 2005 од 3.1 во победи се уште е голема. На натпреварот, предвиден да се одигра во сабота во Струмица, домашните кошаркари ќе бидат под еден психолошки притисок, бидејќи играат пред домашна публика. Но, јас сметам дека тие имаат сила да се носат со тој притисок, и очекувам нивен триумф. Со еден збор, сметам дека во сабота ќе имаме нов шампион. - завршува Лазовски.