Колку се смени ривалството меѓу Вардар и Металург со доаѓањето на Сергеј Самсоненко за прв човек на „црвено-црните“?
- Не се работи за ривалство, се работи за (како што беше и претходно) два различни концепти за функционирање на клубовите. Ние сме против концептот на „Франкенштајн тимови“, како што ги нарекуваме, секоја година да наоѓаш пет-шест нови играчи и правиш тим што нема никакво пошироко влијание на спортот, туку се однесува на задоволство на една лимитирана група, која се радува што влегле во Лигата на шампиони, и ништо повеќе… За нас спортот треба да ја исполни таа полна функција, да биде општествено, социјално и духовно корисен за народот, за државата. Не е се само во освојувањето на титули. Можеме да купиме пет Французи или Германци и да станеме клуб со десетина-петнаесет странци и да дојдеме до резултат. Но, тоа не е патот кој ние сакаме да го одиме. Да, ние можеби одиме по потешкиот пат, но остваруваме врвни резултати и сметам дека затоа ја добиваме поддршката од пошироката јавност, за разлика од оној другиот концепт. Затоа не зборувам за ривалство меѓу Металург и Вардар, туку едноставно за различни концепти на функционирање.

