Веќе Фаранг кога спомна за финансиска независност на клубот, ако има некој тука запознаен со европскиот ракомет и клубовите, да одговори дали има некој од клубовите во врвот што комплетно работат сами од себе без никакви додатоци од страна.
Мене ракометот ми изгледа како многу непрофитабилен ''бизнис'' со мала публика и заинтересираност и тешко дека до такво нешто може да дојде, али тоа е само мое мислење.
Знам дека
@Xsago и
@bbbbbb активно следат, па еве ако знаат за ова, нека кажат
Фала ти и од мене за комплиментот. Не знам точно што подразбираш под тоа “комплетно да работат сами од себе”, па затоа ќе претпоставувам во одговоров.
Ако се мисли на тоа да опстојуваат само од карти и продажбата на фан шоповите, тогаш се чини дека нема во светот таков ракометен клуб кој би дошол на нула во годишниот биланс на успех. Можеби помалите германски клубови би можеле да бидат во позитива, но за големите, работите се веќе отидени премногу далеку.
Понатаму. Ретки се и оние клубови кои доаѓаат до нула дури и при спонзорства од различен тип на компании, локалната заедница, градот итн. Ако клубови од Шлезвиг Холштајн, каде живеат луѓе на кои дефинитивно не им е проблем за викенд да го однесат семејството на ракометен натпревар плаќајќи карта од 20 евра и кои имаат сериозни субвенции од спонзори, немаат позитивен биланс , тогаш за оние од другите делови на Европа и да не зборувам. А токму во минативе неколку недели струјат информации дека не само Хамбург туку и Кил, Фленсбург, Фуксе имаат сериозни финансиски проблеми (за последниве тоа беше познато уште од летово) и ќе уследи редукција на буџетите за следната сезона.
Ова е тренд кој во принцип последниве три години го следи ракометот како спорт и ќе биде потребно подолг временски период за состојбата да се стабилизира, под што подразбирам конјунктурата да се сведе на пониско ниво.
Е сега од каде потекнуваат финансиските проблеми на големите клубови? Нормално дел од овие “финансиски минуси” не се од овие последни три сезони туку се таложени во текот на цела деценија во која овие клубови си дозволуваа да имаат исклучително скапи екипи (првенствено мислам тука на Кил и Хамбург, но и на веќе непостоечките како Сан Антонио, Сјудад Реал, Копенхаген итн.), од кои се очекуваше за неколку сезони да ги вратат парите инвестирани во нив. При тоа цените на пазарот на играчи самите клубови драстично ги кренаа, па дури се потпиша и првиот милионски договор (во евра, а претходно беа познати два во марки), иако сите беа свесни дека треба мноооогу да се направи за ракометарите и реално да може да имаат милионски цени. Но, ова билдање на цените на играчите доаѓаше од едно големо очекување. Имено се очекуваше дека за пет до десет години инвестициите ќе се исплатат бидејќи ЕХФ ќе овозможи ракометот да отвори нов пазар и конкретно европскиот ракомет да се продава и надвор од Европа (главно Лигата на шампиони). Таа стратегија остана само на хартија и обидите да се имплементира се се уште актуелни. ЕХФ е релативно млада организација (постои од 91-ва), со ригидна структура и мал број на службеници (за разлика од УЕФА или ФИБА), кои се далеку од моќни, со капацитетите со кои денес располагаат, тоа да го спроведат. Згора на оваа неможност да се пласира производ, надојде и глобалната криза на која големите ракометни клубови реагираа единствено со редукција на буџетите. За жал ни тоа не се покажа како добра стратегија бидејќи големите расходи од минатото не можеа да се доведат до нула. Се применуваа различни решенија од кои нај(не)популарното беше: подмладување на екипата (во случајот на Памплона и Адемар во Шпанија, или Магдебург и Лемго во Германија). Други се обидоа да се преселат во поголеми градови во потрага по публика (Сјудад Реал), што пак се покажа како “самоубиство” (Мадрид не гледа ништо друго освен фудбал!).
Во целиов случај со финансиската криза во европскиот ракомет ми се чини несомено важи онаа- прво скокни, па кажи оп!
Генерално ова искуство, особено во случајот на шпанските екипи, ни покажува дека ракометот денес е пред се високо ризичен бизнис, кој во Шпанија дефинитивно те носи во голем финансиски минус. Во Германија? Па, до пред некое време се мислеше дека добро им оди- распродадени сали, спонзори, преноси итн, но никој не ги зема предвид големите издатоци и вложувања во претходните екипи, како ни тоа дека сегашниве им вредат од 8 - 10 милиони евра, кои тешко може да се извадат. Од друга страна можеби добар индикатор за тоа дека работите не се сјајни беше предлогот пред почетоков на овогодинешната сезона во ХБЛ, стандардниот термин за ракометни преноси на Шпорт ајнц, во среда/четврток да биде укинат и сменет со пренос од трета (не прва , не втора, туку ТРЕТА) германска фудбалска лига, бидејќи постоел поголем број на гледачи.
Нов (поточно стар, но се поизразен) момент во европскиот ракомет се огромните, милионски спонзорставата од само еден човек на клубови како Вардар, Киелце, ПСЖ, Плок, па и на Веспрем, кои преку ноќ стнаа (или имаат амбиции да стнат) фаворити за фајнл фор и сл. Главно инвестициите во овие клубови може да се сметаат за сега за “чиста филантропија” или, ако не бидеме толку наивни, за крајно ризична инвестиција, а дали ќе донесат приходи останува да се види следниве години. Несоменено ракометот во овие земји е во нагорна линија според популарноста, а до каде може да се оди наскоро ќе видиме.
На 11-ти овој месец, во Виена ќе се одржи состанок на т.н. Professional Handball Board, каде главна тема ќе биде реформата на лигата на шампионите, инаку главниот производ на европскиот ракомет, со која несоменено ќе се цели да се дадат нови назнаки за остварување на стратегијата која ја споменав на почетокот. Каков ќе биде исходот наскоро ќе дознаеме.
Како и да е, ако се гледа на ракометот исклучиво како бизнис, тогаш заклучкот е дека и не треба на него да стави пари некој што сака сигурна добивка. Но за подрските, за оние што имаат визија и пошпекулативен дух, верувам е најинтересно подрачје за инвеситирање, абрем кога е во прашање спортот. Не се сомневам дека производот е квалитетен и атрактивен (дотолку што сметам дека нема поатрактивен), потребно е да се работи на негова дистинкција и на многу маркетинг за да го добие она што го заслужува. Со добра работа, верувам дека може да биде втор светски спорт. Засега многу работи стојат во вис, од финансиски аспект посебно, и се бараат решенија најбзо што може.
Што се однесува до македонските клубови, ова што ни се случува е нешто што не би го ни сонувал. Едноставно сакам само вака да се продолжи и ракометот да биде прогласен за национален спорт, за приоритет број 1 кога е во прашање спортот, кој ќе има посебни субвенции од државата во иднина, особено за клубовите. Мислам дека сега со новава управа во РФМ некои работи посериозно ќе се сфатат и дека стратешки ќе се пристапи на развојот на клубовите.
1000 денари карта за 1/8 финале во ЛШ? Ги разбирам аргументите на ФАРАНГ ама мислам дека тоа би било во случајов злоупотреба на една еуфорија која не треба да престане, туку да прерасне во навика. Со 1000 денари карта ќе бидат одвратени луѓето на кои натпреварите на РК Вардар им се дел од секојдневниот живот, вклучувајќи ме и мене меѓу нив.