Еве еден текст од нова Македонија. Читам и уште незнам што да мислам, кој е крив и зошто се случи ова. Единствено што досега можам да кажам е дека најдебелиот крај некако го извлече Червар. Човекот си работеше на стратегијата помладување на екипата и работа со младите школи. Очигледно на некој тоа му пречеше. Од друга страна она што за мене е мистерија е прашањето„зошто се побунија и помладите играчи врз кои во иднина требаше да се гради екипата?„
Еве го текстот:
Ракометот во Македонија е многу повеќе од спорт
Стратегија со длабоки референци (1)
Случувањата што деновиве го зафатија македонскиот шампион Металург предизвикаа загриженост кај целокупната македонска, балканска и европска ракометна јавност. Загриженоста беше дотолку поголема што веројатно првпат во македонски услови сме сведоци на реализација на една длабоко осмислена развојна стратегија на спортски колектив, стратегија што ги надминува спортските рамки. Веројатно затоа обидот да ѝ се наштети на таа идеја, која веќе почна да дава резултати, предизвика голем интерес и внимание.
Беа нападнати клубот, клупската политика и тренерот, кој покрај тоа што создал голем број ракометни ѕвезди, освоил и речиси сѐ што може да се освои на ракометните терени. Меѓутоа, веројатно оние што ја инспирираа и ја организираа атаката не беа свесни дека сакаат да урнат еден проект со длабоки референци не само во македонскиот ракомет и спорт воопшто. Таа стратегија, иако клупска, има препознатливи силни референци и во културата, образованието, социјалата. Таа има силен потенцијал за позитивно влијание и во националната економија и бизнисот, спортскиот туризам и дури ако сакате и во забавата. Јавноста забележа дека се работи за остварување на еден долгорочен и одржлив концепт, кој е и силно општествено одговорен, кој носи бенефиции не само за локалната заедница туку и многу повеќе, на национално ниво. Токму затоа тој беше широко поддржан од граѓаните, поради што предизвика силни позитивни емоции, радост, национална гордост. Во такви околности, неодамнешната атака врз клубот, а со тоа и на целокупниот проект, како никогаш досега предизвика лавина реакции.
Се потврди дека спортот, во случајов ракометот, или уште поконкретно Металург, има многу позначајна улога во општеството од онаа што вообичаено сме подготвени да ја опсервираме. Спортот може да биде двигател, но само ако граѓаните препознаат во него соодветен концепт, програма и долгорочна стратегија, која е обединител и заеднички именител за прогрес, за силно чекорење напред во животот. А примерот на Металург го покажа токму тоа.
Червар вистински реализатор на стратегијата
Носењето вистински луѓе на вистинското место е добро познато од историјата на човештвото и рецепт што дава добри резултати. Познато е дека државите што требало да се развијат ги привлекувале кај себе луѓето со големи вештини и знаење за да создадат база за развој на својата нација и држава. Оттаму и доаѓањето на Лино Червар во Скопје не беше случајно, туку резултат на една идеја што се развиваше, со спортски и национален предзнак, да се посее семето на квалитетен ракомет, за што постоеше потенцијал, што ќе стане препознатлив белег на државата во европски и во светски рамки.
Уште од самото доаѓање на Лино Червар, кој во Скопје пристигна пред пет години токму со амбиција за почеток да создаде силен и успешен ракометен колектив, кој ќе стане своевиден инкубатор на македонскиот ракомет, Металург изминатиов период макотрпно ја градеше развојната стратегија. Врвниот светски тренер во проектот на Металург препозна можност за создавање силен професионален погон, по примерот на светските спортски гиганти. За таа цел уште од првиот ден се создаваа предуслови за остварување на целта, а она што претставува посебна гордост е создавањето млади ракометари, кои веќе излегуваат и се потврдуваат на големата ракометна сцена.
- Човек е толку голем колку што може да се наведне и да работи со деца. Јас цели 40 години работам со нив. Сум работел можеби со над 15.000 деца, на кои им ги подарив мојата љубов, моето знаење и моето искуство. Ја сакам работата со деца, бидејќи и јас уште се чувствувам како дете, секогаш спремен за ново учење, игра, натпревар, победа и за нови достигнувања. Децата се всушност основата на секој прогрес, личен, семеен и општествен - рече во една пригода стратегот на Металург, Лино Червар.
Почетоците на овој создавачки концепт на Металург датираат уште од 2003 година, кога првпат е формирана школата за ракомет под раководство на Тони Ристески, поранешен ракометар, а сега директор на ракометната академија „Металург“.
- За овие десет години успеавме да формираме една од најголемите европски мрежи на школи, сега точно 31 на број, во кои тренираат повеќе од 1.500 деца. Имаме своја сопствена лига во која учествуваат над 50 екипи од скопските и од кумановските школи, а в година ќе ги приклучиме и школите од преостанатите градови. Произведуваме ракометари, репрезентативци, идни шампиони и така ја создаваме иднината на македонскиот ракомет, ја создаваме и иднината на нашиот Металург, за кого во наредниот период ќе настапува цела плејада млади, талентирани ракометари - изјави Ристески.
Застанувајќи цврсто зад својата развојна стратегија, клубот уште еднаш потврди дека нема да дозволи никому да спроведуваа свои идеи, притоа фрлајќи го во вода сето она што со години макотрпно го градеше, а добиваше широка општествена поддршка.
- Ова е проект на Металург, проект со кој во цела Македонија создаваме квалитетни ракометари, но пред сѐ добри ученици и добри луѓе. Ние со академиите низ Македонија сакаме да направиме континуитет на националниот спорт, ракометот. Настојуваме да ги искористиме потенцијалите на децата, затоа што во децата е најдобрата инвестиција. Необично сме горди што имаме академии во цела земја и што илјадници таленти ги следат методите на работа на нашата екипа, како што сме замислиле да направиме оригинален македонски модел за развојот на ракометот во Македонија - објаснува Червар.
Плод на ракометната академија „Металург“ се сениорските репрезентативци Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Стојанче Стоилов, Филип Талески, Марко Нелоски, Жарко Пешевски, а Металург како клуб има 80-процентна застапеност во пионерската, кадетската и во младинската репрезентација на Македонија. Квалитетот веднаш даде и резултат, па по повеќегодишна апстиненција од европските првенства, кадетската и младинската репрезентација годинава првпат се појавија на самитот на најдобрите млади ракометари во Европа.
Воден од ова искуство, Металург потврдува дека својата програма ќе продолжи да ја спроведува.
На удар развојната стратегија на Металург!
- Нападот на нашиот концепт нѐ погоди сите нас, и раководството и играчите и тренерот. Сметаме дека нашиот концепт на работа за создавање е на вистински пат и сметам дека треба да добие поголема афирмација воопшто во Македонија, бидејќи со нашиот концепт, покрај тоа што играчите ги подигаме на спортски план, ние се грижиме и за нивното образование, карактер, социјализација и за сѐ друго што е потребно да поседува една личност, која ги афирмира државата, културата и народот на Македонија - истакна Минчо Јорданов, сопственикот на Металург.
Успесите што изминативе неколку сезони ги забележа Металург на европската ракометна сцена (трипати пласман во нокаут-фазата, од кои двапати до четврт-финалето и во сите случаи прво низ квалификации за Лигата на шампионите) се најубавото нешто што му се случило на македонскиот машки ракомет. Токму затоа, останувајќи цврсто на своите позиции, клубот го надминува турбулентниот период, од кој може да се излезе само посилен.
- Тоа што се случи со Металург е жална состојба за сите нас, почнувајќи од играчите, со кои се договоривме и констатиравме дека сето ова не требаше да се случи, т.е. да се падне на одредени провокации од страна. А исто така сметам и дека во целата оваа ситуација прашањето е подлабоко и дека треба да го најдеме коренот и да го решиме. Но битно е да се знае дека нашиот концепт на работа не дава само спортски резултати. Ние со нашата создавачка политика ја афирмираме Македонија и политички и државнички - рече Јорданов.
Нема да се откажеме од нашиот создавачки концепт
- Благодарение на создавачкиот спортски концепт што го реализираме сите овие години, Металург се стекна со многу широка база на играчи и школи за нивно подигање, па едно е сигурно - нема да се откажеме од него. Нашиот план е долгорочен и дефинитивно можам да кажам дека Металург и понатаму ќе продолжи да постои, ќе ја гради иднината на македонскиот ракомет и ќе продолжи да се натпреварува на сите ракометни фронтови - рече Минчо Јорданов, сопственикот на Металург.
В понеделник:
„Кому му пречат успесите?“
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=1114142039265&id=9&prilog=0&setIzdanie=23323