Металург и Лазаров викендов на преговори
По враќањето од Тунис, каде што е со репрезентацијата на турнир, нашиот ракометен интернационалец ќе разговара со управата на скопјани за трансфер во Автокоманда
Какви се шансите Кирил Лазаров да дојде во Металург уште во следната сезона, ќе се знае викендов кога треба да седнат на разговори управата на Металург, засилена со тренерот Лино Червар и спонзорот Минчо Јорданов, и нашиот интернационалец кој моментно игра во Загреб. Откако хрватскиот клуб објави дека не планира да ги држи заедно Лазаров и Балиќ, прв на листата за заминување е нашиот интернационалец. За него обесштетувањето е 200.000 евра, а Кроација осигурање сака да го продаде играчот една година пред истекот на неговиот договор, со што би заработила.
„Дневник“ уште во минатото лето најави можност Лазаров да дојде во Металург. Тогаш се споменуваше неколкугодишен договор вреден над еден милион евра. Според тогашните информации, најдобриот стрелец од последното СП со нов рекорд од 92 гола и двоен најдобар стрелец во европската Лига на шампионите, имал разговор со спонзорот на скопјани, Минчо Јорданов, кој сериозно се вклучува во последните трансфери на играчи во клубот. Последната понуда на Металург кон Лазаров била околу 300.000 евра по сезона со тоа што тој би требало да остане повеќе години тука како дел од настојувањата на клубот да направи силен тим кој би имал сериозна улога и во европските купови.
- Очигледно е дека Балиќ и Лазаров не функционираат во игра и еден од нив мора да си замине, бидејќи тоа се нашите најскапи играчи. Објективно засега најблиску до тоа да замине од клубот е Лазаров, но мора да ја решиме ситуацијата со Балиќ, бидејќи мора да видиме дали ќе успееме да ги затвориме нашите обврски - изјави Гобац.
Лазаров во моментов е со репрезентацијата на Македонија на турнир во Тунис, каде треба да одиграме неколку контролни средби како дел од планот за подготовки за следниот квалификациски циклус за ЕП 2012 година. Засега никој не сака да дава официјални информации за можниот тек на преговорите меѓу Металург и Лазаров. Тренерот Лино Червар уште во септември во интервју за „Дневник“ најави дека „притиска“ за доаѓање на Лазаров. Тоа би го зголемило интересот за ракометот, но и би се подобрил имиџот на клубот.
- Обесштетувањето за Лазаров е познато. Тоа е 200.000 евра. Секој што сака да го купи треба да плати. Засега немаме многу информации дали некој е заинтересиран. Знам само дека од Рејн Некар неколкупати се јавуваа и се распрашуваа. Но, сигурно има и други. Лазаров си има менаџер и тој си ги брка своите работи - изјави Зоран Гобац, менаџерот на Кроација о. за „Дневник“ пред десетина дена.
Меѓу оние што се споменуваат како најзагреани за ангажирање на Лазаров е словенечки Целје, потоа Рејн Некар, Барселона и Сиудад Реал. Нока Сердарушиќ, тренерот на Целје, веќе дал зелено светло за преговори со нашиот интернационалец. Тие се подготвени да платат обесштетување, бидејќи досега ги ангажираа и Лирко Алиловиќ и Момир Рниќ, но со „чисти документи“, односно без обесштетувања.
Во моментов во Автокоманда се наоѓа и легендата Пепи Манасков кој беше избран за ракометар на векот во Македонија, и тоа како тренер на помлади категории.
(Г.А.)