Едуарда Аморим по стапките на Озел
Едуарда Аморим по Панамериканските игри се смести во Виена
Помладата од сестрите сака во Хипо, но Кометал бара отштета од еден милион евра, бидејќи договорот и' истекува во 2010
Едуарда Аморим по секоја цена сака да ја продолжи кариерата во Хипо Нидерестерајх и не сака да слушне да им се приклучи на подготовките на Кометал Ѓорче Петров на Копаоник. Уште повеќе, телефонски контактирала само со тренерот Драган Нишевиќ, избегнувајќи разговор со раководството на клубот. Во моментов е во Виена, а нејзината постара сестра Ана Каролина, наводно, немала поим за намерите на минатогодишното откритие на ѓорчепетровки.
„На мој ризик ќе одам“, му порачала на клубот со кој ја обврзува договор до јуни 2010 година. Хипо дури побарал и сертификат за неа од Ракометната федерација на Македонија.
Во Кометал се фрапирани од однесувањето на својот лев бек, спрема кого тврдат дека ги имаат подмирено сите обврски од договорот на четири години потпишан лани. Целосно разочаран од неа е и спонзорот Трифун Костовски, кој инсистирал на драконски мерки против неа.
„Слободно нека си оди, под услов клубот што сака да ја ангажира да ни исплати отштета од еден милион евра. Во спротивно, може да се прости од играњето ракомет во следните три години“, категоричен е директорот Димитар Тодоровски. Тој во целата ситуација насетува игра од противникот на македонскиот првак во групата од Лигата на шампионите, од која виенчанки секако би профитирале со ослабување на директниот конкурент за пласман во наредната фаза. Тодоровски претпоставува дека врбувањето на Едуарда се случило за време на неодамнешните Панамерикански игри, а во главна улога биле нејзините репрезентативни колешки од Хипо.
Очигледно изнервирани од репризата на непријатностите со својот најдобар играч Јелиз Озел, од Кометал му порачале и на менаџерот на турската интернационалка Тарик дека нејзината слобода чини 200.000 евра. Таа е под договор до јуни 2008, а тоа го констатира и Арбитражната комисија на европската ракометна федерација пред неколку дена. Во случај играч да потпише за два клуба, тогаш за валиден се смета потписот со првиот. Казната за тоа, на евентуално барање од оштетената страна, е суспензија од шест месеци до две години.