Будимир му се враќа на Кометал и на Тоше?
Во вторникот навечер русокосата српска ракометарка допатувала во Македонија
Ракометната убавица, русокосата Србинка Андријана Будимир (26), од вторникот е во Македонија, во посета на нашата пејачка мегаѕвезда Тоше Проески, а постои голема можност да се врати и во Кометал ЃП, каде што настапуваше пред неколку сезони. Скопскиот тим, по елиминацијата од еврокуповите го очекува „реконструкција” со нови играчи и нов тренер. Меѓу имињата што се споменуваат за можно доаѓање е и Будимир. Таа е дел од шампионската генерација на Кометал ЃП која во 2002 година стигна до европската круна, а има титула и како дел на Слагелсе.
Клубот во кој игра Андријана Будимир, шпански Астрок Сагунто, (лани го елиминира Кометал ЃП во четврт-финалето на ЛШ) е во беспарица по откажувањето на спонзорот и сите играчи добија дозвола да бараат нов клуб. Претходно, Будимир две сезони настапуваше во Слагелсе, а уште толку и во Подравка од Копривница.
Управата на Кометал ЃП соработува со неколку менаџери околу ангажирање на повеќе познати ракометарки, кои би требало да го засилат тимот за следната сезона. Еден од менаџерите со кои соработува клубот е и Тања Медвед, и самата поранешна ракометарка на скопскиот тим и добра пријателка на Будимир.
Во Кометал ЃП засега не знаат за доаѓањето на Будимир во Скопје, ниту за мотивите за нејзино доаѓање. Во ракометните кулоари се зборува оти има големи шанси Будимир да се врати во Скопје. Нејзината блискост со Тоше, менталитет и доброто прифаќање од средината, желбата да игра во Кометал ЃП, кусокот од квалитетни бекови и тоа што е миленик на публиката, би можеле да бидат пресудни управата на скопскиот тим да се реши да преговара за нов договор со неа. Тоа би бил начин за враќање на имиџот на клубот, што го имаше во претходните сезони, кога салата беше полна, а меѓу постојаните посетители имаше и многу ВИП-лица. Меѓу нив постојано беше и Проески.
Лилјана Петровиќ: Приватна посета на Тоше
Менаџерката на Тоше Проески, Лилјана Петровиќ, ни потврди оти поранешната миленичка на скопската публика допатувала во Скопје, но во приватна посета на нашиот познат пејач.
- Колку што јас знам, таа е во приватна посета на Тоше. Нема ништо околу ракометот, но тоа е она што јас го знам - изјави Петровиќ.
За изливот на емоции на аеродромот во Скопје, во вторникот, биле сведоци луѓето што допатувале од Милано таа вечер и сите вработени што вечерта биле на смена. Сите се „нацртале” да ги видат Тоше и Будимир, која и претходно кришум доаѓаше во Македонија додека играше во Хрватска и во Данска.
Нејзиното присуство беше евидентно додека разговаравме со Тоше, зашто нејзиниот глас се слушаше во заднината.
- Точно е дека се слушнавме (со Будимир - н.з.), но не сме се виделе. Би требало вечерва да се видиме - беше одговорот на збунетиот Тоше.
Изненаден од тоа што новинарите толку брзо разбрале за посетата на Будимир, Тоше се обиде да избегне одговор, чекајќи и по неколку секунди пред да одговори.
- Пратете ми СМС-порака, па вечер ќе ви се јавам кога ќе се видам со Будимир или јавете ми се вечерва, па се' ќе ви кажам - ни рече Тоше.
Следеше уште една наша провокација да ја поздрави Будимир од новинарите и да и' порача дека сите сакаме пак да игра во Кометал. На ова Тоше одговори:
- Благодарам, сега ќе пренесам!