Ракометарките на Кометал Ѓорче Петров оставија судиите и делегатот на вчерашниот натпревар да решаваат за пласманот во четвртфиналето, наместо на околу 3 минути до крајот, при резултат 28-23 за Кометал, да го дотолчат противникот. Несфатливо е што се случуваше вчера во „Кале”. Астрок Сагунто и после овој двобој останува непремостлива пречка за нашиот клуб.
Најголемата одговорност за неуспехот секако ја сносат ракометарките, но мора да се каже нешто за спортската лакрдија што ја направија судиите и делегатот на натпреварот и практично уништија и одведоа во нерегуларност еден одличен натпревар. Настрана од тоа што направија многу грешки поради своето неискуство, судиите дозволија последната минута од натпреварот да се претвори во „целовечерен театар”, со што докажаа дека не се воопшто дораснати за судење на натпревари од ова ниво. Но, и делегатот успешно се вклопи во таа „претстава”. Всушност, тој ја направи клучната грешка, по што настана целата забуна и целиот 15-20 минутен прекин на натпреварот, на само 22 секунди до крајот. Тој и записничката маса не го запишаа исклучувањето на Валентина Радуловиќ на семафорот, по што Кометал повторно играше со 7 играчи, а во меѓувреме Сагунто постигна погодок, што во тие околности, во најмала рака е нерегуларен. Така започна сето тоа, а заврши со постигнување на погодок од страна на Барбоса, за 29-27 и за четврфинале за шпанската екипа.
Пред судиите и делегатот да го уништат, натпреварот беше одличен, со многу борба, трчање и големи мотиви кај играчите од двете екипи. Сагунто почна добро и се водеше израмнета борба. Кометал постигна серија погодоци при крајот на полувремето, за да има водство по 30 минути од 15-13.
Во вториот дел, најпрвин беа постигнати по 2 погодоци на двете страни, а потоа Кометал направи серија од 3-0 за 5 погодоци разлика (20-15). Нашата екипа ја одржуваше таа предност се до последните 3 минути, кога беше 28-23. Потоа, дојде до непотребно опуштање, што гостите од Валенсија го искористија и на крајот победија, со помош на нес(о)весното водење на натпреварот од страната на младите летонски судии, како и „зачинот” од страна на делегатот од Турција, кој освен грешката со семафорот, вмеша прсти и во смешното исклучување на тренерот Портној.
Си на си, доколку натпреварот завршеше спортски, која екипа и да победеше, ќе беше заслужено, бидејќи и двете екипи покажаа голем квалитет, играа со огромен мотив и борба, не се предаваа. Вака, победата на Сагунто има голема дамка.