КОМЕТАЛ Ѓ. ПЕТРОВ ЗАГУБИ СО МИНИМАЛНИ 29:28 НА ГОСТУВАЊЕТО ВО ДАНСКА
Пораз во скандинавска шема
АЛБОРГ - КОМЕТАЛ Ѓ. П. 29:28 (14:13)
Гигантум Арена во Алборг, Данска. Гледачи: 5000. Судии: Павел и Стате од Романија. Делегат: Вилангер од Норвешка.
АЛБОРГ: Ка. Лунде, Лекушану 8, Педерсен 6, Бургерс 4, Кр. Лунде 3, Босон 3, Бланко 2, Рокне 2, Дерјугина 1
Исклучувања: 6 мин.
КОМЕТАЛ Ѓ. П.: Колесник, Радончиќ, Борисенко, Нахчиванли, Црвенкоска, Платон 2, Бујанова 3, Озел 5, Радуловиќ 3, Аморим, Тодоровска 5, Партенко 2, Охоланга 4, Рајхел 3
Исклучувања: 14 мин.
Јелиз Озел постигна гол со сирената за минимален пораз, 29:28 на гостувањето во Алборг со што претставникот на Данска во Групата "Д" од Лигата на шампионите го презема врвот по 2. коло. Добрата игра на моменти не беше доволна за да се направи уште подобар резултат, така што нашиот шампион бодови на гости ќе мора да бара на некој од следните натпревари.
Почетокот на средбата мина во знакот на ракометарките на Кометал Ѓ. Петров, коишто одлично влегоа во овој меч. Уште на стартот почнаа со силно темпо коешто го одржуваа до 15. минута. "Кометалки" најголемата предност ја имаа околу 10. минута кога водеа со 6:3, но потоа домаќинот успеа да ги анулира грешките и да се врати резултатски во игра.
Во 20. минута Алборг веќе стигна до израмнување (10:10), по што на теренот продолжи рамноправната борба. Поранешната ѓорчепетровка Нарциса Лекушану во периодот од играта којшто следуваше беше клучната ракометарка, која што со три гола во серија направи пресврт по кој Алборг дојде до позитива од еден гол (12:11) во 23. минута. Лошиот период во играта на Кометал Ѓ. Петров, кој беше надополнет со уште неколку исклучувања, траеше и во следните минути. Откако прво беше израмнет резултатот на 12:12, Лекушану и Кристине Лунде се погрижија водството да биде зголемено на два гола, што беше првпат на мечот домашните да водат со два гола предност.
Сепак, преку Радуловиќ на паузата нашиот шампион замина со само еден гол негатива, што ветуваше многу поинтересно продолжение од кое се очекуваше и подобар резултат.
Израмнувањето на 14:14 на стартот на вториот дел преку Озел беше последното "реми" на овој дуел бидејќи од тој момент до крајот на средбата водството постојано беше во корист на домаќинот. До 37. минута (клучна на оваа средба) разликата с$ уште беше активна и од само еден до два гола. Потоа, домашните дојдоа до подобра позитива, (20:16) која без поголеми проблеми ја одржуваа во продолжението од натпреварот. Во тоа помогнаа малку и "кометалки", чија одбрана не беше на нивото од средбата во СРЦ "Кале" така што противникот на моменти премногу лесно стигнуваше до голот и постигнуваше погодоци.
Помошта од судиите, но и од делегатот беше само уште еден плус повеќе за ракометарките на Алборг да ја зголемуваат предноста која најголема беше во 51. минута (26:20). Тука за момент редовите на "кометалки" почнаа да функционираат како што треба па почна да се случува пресврт. Разликата почна да се топи, а одбраната профункционира, па во финишот се влезе со разликата која беше присутна во најголемиот дел од мечот.
Во брзата игра се грешеше и на двете страни. Судиите продолжија со свој стил во кој постојано клучните топки ги делеа кај домаќинот, па не дозволија "кометалки" да стигнат до барем бод. Она што беше максимум од оваа средба, ракометарките на Кометал Ѓ. Петров успеаја да го извадат, па стигнаа до пристоен пораз од само еден гол, 29:28 со голот на Озел на истекот на последната секунда од средбата.
На овој начин првата можност да се стигне до бодови од гости пропадна, така што новата шанса ќе се бара следниот месец во Унгарија и Русија. Дотогаш во СРЦ "Кале" ќе следуваат две средби. Првата е веќе в сабота против Динамо Волгоград, а втората против Алборг на 28 јануари.
Сашка и Сашо место ракомет
Љубителите на ракометот коишто сакаа да го проследат дуелот од Данска останаа оневозможени да ги гледаат првите петнаесетина минути поради проблемите на МТВ. Поради тоа на првиот канал каде што беше најавена средбата одеше серијата "Сашка и Сашо", а преносот почна дури по 15 минута од натпреварот, но на Собранискиот канал.
Делегатот се загуби на теренот
Норвежанецот Дагфин Вилангер, којшто на овој меч беше делегат, својата намера да им помогне на скандинавските соседи ја покажа во 37. минута. При прекинот којшто траеше пет минути, а на негово барање тој исклучи една ракометарка од Кометал Ѓ. Петров откако прво се мислеше која да биде вистинската.
Можеби ова немаше да се забележи доколку резултатот беше во корист на "кометалки", но во спорната 37. минута Алборг имаше предност од 17:16 по што успеа да стигне и до поголема позитива.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ
2. КОЛО
ГРУПА "А"
Ларвик - Виборг 23:31
Крим М. - Елда П. 29:26
ТАБЕЛА
1. Крим 2 2 0 0 63:54 4
2. Виборг 2 1 0 1 59:57 2
3. Ларвик 2 1 0 1 51:58 2
4. Елда П. 2 0 0 2 53:57 0
ГРУПА "Б"
Лада Т. - Књаз Милош 32:23
Шлагелсе - Дунафер 27:25
ТАБЕЛА
1. Шлагелсе 2 2 0 0 60:49 4
2. Лада Т. 2 1 0 1 59:53 2
3. Дунафер 2 1 0 1 55:54 2
4. Књаз Милош 2 0 0 2 47:65 0
ГРУПА "Ц"
Хипо - Будуќност 36:30
А. Сагунто - Бјасен 25:31
ТАБЕЛА
1. Хипо 2 2 0 0 59:51 4
2. Бјасен 2 1 0 1 52:48 2
3. А. Сагунто 2 1 0 1 53:54 2
4. Будуќност 2 0 0 2 53:64 0
ГРУПА "Д"
Ѓер - Динамо В. 25:23
Алборг - Кометал Ѓ. П. 29:28
ТАБЕЛА
1. Алборг 2 1 1 0 60:59 3
2. Кометал Ѓ. П. 2 1 0 1 60:51 2
3. Ѓер 2 1 0 1 47:55 2
4. Динамо В. 2 0 1 1 54:56 1
ДРАГАН НАЧЕВСКИ
Клучните топки за Алборг
"Мислам дека имаа тенденција, на одредени моменти да наштетат судејќи беспотребни исклучувања. Сето тоа се случуваше во моментите кога се кршеше резултатот. Од страна можеби тоа не изгледаше така страшно, но на теренот ова беше направено. Имаше и многу грешки во ситни работи. Имаше премногу недосудени чекори, не се даваше предност... Сепак, во моментите каде што се судеше против Кометал Ѓ. Петров, тоа беше перфидно направено. Инаку, сите клучни и спорни моменти заминаа кај Алборг. Со покоректно судење резултатот сигурно ќе беше во корист на нашиот шампион".
37. минута, одлучувачка
Делегатот е посебна приказна. Доколку тој си ја вршеше работата како што треба веднаш ќе знаеше кој играч направил погрешна измена. Тој во спорната 37. минута свиреше да помогне, а се загуби околу тоа која ракометарка ќе биде исклучена. Како делегат мора да знае која е ракометарката што направила грешка, а Аморим во ситуацијата беше најмалку виновна. Тука се гледа скандинавската помош за Алборг. Инаку, ова е одлучувачки момент, а сето ова беше направено мошне умешно и со намера да се помогне на некој начин".