МАКЕДОНСКИОТ ПРВАК ПОТПИША СО ДВЕ БЕЛОРУСКИ РЕПРЕЗЕНТАТИВКИ
Сафонова и Артјоменко во Кометал
Натпреварите меѓу репрезентациите на Македонија и Белорусија не се плодни само за националниот состав кој избори пласман на мундијалот туку и за екипата на Кометал Ѓ. П.
Вчера, на аеродромот во Минск Кометал Ѓ. П. ги официјализираше договорите со две белоруски репрезентативки. Голманот Алесија Сафонова и пикерот Ирина Артјоменко.
Со нив и со крилото Јелена Поповиќ Кометал вкупно доби три засилувања за наредната сезона.
Сафонова се покажа во добро издание на двата натпревари со Македонија. На вториот меч бранеше само едно полувреме и успеа да собере 11 одбрани, што е сосема солидно остваруавње, иако не беше во прв план.
Корпулентниот пивот Ирина Артјоменко без дилеми ќе врши голема работа, посебно кога е во прашање играта во одбрана.
Со овие три играчи и Марина Ламбевска, која лани не играше во ЛШ поради повреда, Кометал ќе биде сигурно поинаков тим. Останува, сепак, да се види како ќе се заврши епизодата со турската репрезентативка Јелиз Озел. Се ввраќа или не, шпекулации има и за едното и за другото и веројатно единствениот начин да се прекинат е да се дочека датумот кога ќе треба да се појави на првиот собир.
Најава која многу сериозно мора да биде разгледана во Кометал е можноста Валентина Радуловиќ да ја прекине играчката кариера. Нејзиниот договор со Кометал е истечен и таа е слободен играч во моментов. Во речиси сите нејзини изјави провејува можноста да престане да игра.
Но, тоа е нешто што набрзо ќе биде решено, во моментов во фокусот на вниманието женската репрезентација.
Сениорките ја завршија својата белоруска приказна со хепи енд. Во натпревар во кој во игра беа сите опции, во кој противникот имаше шанси да се пласира на мундијалот исто како и ние, излеговме севкупни победници и девојките заслужуваат да останат на насловните страници уште некои време.
Вчера им беше приреден дочек на аеродромот, да им се покаже чест за постигнатиот резултат и воопшто за успехот со кој го претставуваат македонскиот спорт и државата надвор од границите.
Девојките ќе бидат премирани, се споменува вкупна цифра од околу 30/40 илјади евра кои треба да бидат поделени за пласманот на мундијалот. Вкупно петти, нешто што го нема постигнато друга македонска селекција во колективните спортови.
http://www.sport.com.mk/?ItemID=C8B56802B45914488CA026290CAFA0EE