Морам да удрам еден осврт на сезоната во АБА Лигата. Почнавме со Ацо како тренер и две стартни победи на кои никој ни во лудило не се надеваше. Тука настана целосна фама и МЗТ беше вистински бум во првите две кола во АБА Лигата победувајќи ја една Цибона на гости. Потоа следуваше фијаското наречено Ацо Тодоров и фамозните 20 загубени топки во просек што ги имаше МЗТ и 4 порази по ред (ваљда не се лажам, мислам 4 порази по ред беа). И тогаш се случи најдоброто за МЗТ што можеше да се случи, а тоа е нагласувањето на Пипан за нов стратег на МЗТ. Ацо кукавички си поднесе оставка не можејќи да го издржи притисокот од јавноста поради лошите игри на својот тим.
Е дојде Алеш Пипан. Овој човек го смени МЗТ за 720 степени. Внесе стабилност, но пред се дисциплина во тимов, нешто што очајно недостасуваше кај претходниот тренер, со кој бевме буквално како село без кучиња. Загубените топки по натпревар драстично се намалија, почнаа да играат тимски, а со тоа дојдоа и резултатите.
Сега да кажам збор-два и за играчите. Тодор Гечевски, што да се каже за мајсторов, освен едно огромно БРАВО, браво за тоа што го прави на негови години, прав мајстор на кошаркарската игра. Станко Чековски, човече без тебе не можам да го замислам овој тим, столб на одбраната и вистински мотор на екипата. За мене најдобриот играч на МЗТ во АБА Лигата оваа сезона, секоја почит за другите али Станко за мене најдобро изигра. Дамјан Стојановски, иако почна бледо сепак со доаѓањето на Пипан а и како одминуваше сезоната така се повеќе и повеќе влегуваше во форма и ја докажа својата класа. За него можам да кажам исто така големо БРАВО за тоа како ја одигра сезонава. Кејд Дејвис(да Кејд а не Кед, Крсте Галевски неписмењак еден) и он одличен иако имаше и моменти кога беше ужасен но сепак дечково игра со срце и е еден од најдобрите играчи на МЗТ покрај тие што ги набројав претходно.
Никола Оташевиќ, ако ми најдете човек што игра одбрана со толкаво срце како него тогаш слободно јавете ми се и кажете ми. Најборбениот играч на Металците дефинитивно, заедно со Станко, али начинот на кој што човеков игра одбрана е неверојатен. Буквално нема загубена топка за него, зборот замор не постои во неговиот речник. Секоја чест, момаков мора да остане во тимов и следната сезона, МОРА. Кире, ах Кире Кирееее, бледо, доста бледо со само еден поизразен блесок сезонава а тој блесок беше против Олимпија на домашен терен и тоа во првото полувреме, останатото катастрофа. Искрено многу повеќе очекував од човеков. Бакич, за мене уште откако дојде не ми беше некако играч за во МЗТ, во последно време не играше лошо али јас ќе си останам на ставот дека треба да го смениме за следната сезона. Сепак едно големо фала за душата што ја оставаше на терен. Огнен, смалена минутажа за разлика од лани, но според мене солидно ја одработи сезонава, од мене има преодна оценка. Николиќ камен, добро е што го избркаа, најнеталентираниот играч што играл за МЗТ во последниве 2-3 години. Горјан, солидно за таа минорна минутажа што ја добиваше, но мора да земеме во предвид дека е доста млад и дека неговото време допрва доаѓа. Богоев, ноу комент, си знаат сите навивачи на МЗТ што значи да се има овој човек во тимов.
Мора да му оддадам почит и на маестро Алеш Пипан, цар царосан, алал нека му е на тој што го доведе, без него тешко дека ќе дојдевме до ваков пласман. Секоја чест.
И за крај да кажам дека горд сум што навивам за овој тим, тим кој сезонава го остави срцето на терен, безпоштедно го играше секој натпревар и гинеше за секоја топка. Фала ви момци што ни пруживте вакво уживање против тимовите од поранешна Југославија, следна година подобро се надевам, а оваа сезона сеуште не е завршена, останаа уште купот и првенството. Не се сомневам дека ќе успеете повторо да не израдувате со двојна круна.
Уште еднаш, секоја чест и фала ви.


