Бразилскиот репрезентативец Кака дефинитивно ја затвори вратата за трансфер во Реал Мадрид и изјави дека размислува за продолжување на својот договор со Милан. Најдобриот фудбалер на актуелниот европски првак, а и во светот во моментов, две години беше прва цел на раководството на “Кралскиот клуб”, а претседателот на Реал, Рамон Калдерон, го користеше и како еден од адутите во минатогодишната кампања за оваа функција. Во исто време Кака изрази надеж дека Милан наскоро ќе излезе од кризата и по враќањето на Роналдо и Александре Пато ќе се врати на старите патеки.
“Реал Мадрид е затворено поглавје за мене. Ако Милан има желба јас сум подготвен да го продолжам мојот сегашен договор што истекува во 2011 година бидејќи овде се чувствувам среќен и размислувам за мојот клуб. Не знам што би можело да се случи за да го сменам мислењето и да почнам преговори со други клубови. Верувам дека се уште имаме шанси да се бориме за шампионската титула во Серија А и дека ќе стигнеме далеку во Лигата на шампионите. Сонувам за финале против Барселона”, изјави Кака.
Бразилецот се осврна и на последните инциденти во италијанскиот фудбал, убиството на младиот навивач на Лацио и порача дека ваквите работи можат да имаат тешки последици за овој спорт.
“Италијанскиот фудбал го губи својот кредибилитет и потребна е итна акција или во спротивно спортот може комплетно да изумре. Скандали, загинат полицаец, а сега и навивач. Запрете го тоа или големите имиња од Серија А еден по еден ќе почнат да си заминуваат”, додаде Бразилецот.