Колумна: ова е фудбал, а не војна... веројатно...
Се случуваше низ нашиве села. По регионалните лиги. Доаѓа гостинската екипа со автобус. Пред воопшто да се симнат играчите, ги пречекува маса од 50-60 навивачи на домашните, кои малку им го нишаат автобусот во знак на добредојде. Откако гостите ќе си поседат така добри 30 минути во автобусот, опкружени со навивачи кои кои го гаѓаат со се и сешто, во автобусот влегува едно „официјално лице“ на домашниот клуб кое им го соопштува конечниот резултат на гостите.
Ако сето ова не е доволно гостинската екипа да ги разбере пораките, тогаш се преминува на втора фаза, која вклучува невиден притисок врз судиите од публиката и од играчите, притисок врз клупата на резервните играчи на гостите и груби стартови насекаде по теренот.
Оваа стратегија генерално, во над 95% од случаите вродуваше со плод. Инаку немаше толку често да ја користат некои селски екипи за кои се тврдеше дека со сигурност нема да изгубат и од најсилните европски екипи на свој терен.
Иако беше најавуван жесток пречек на Неразурите во Барселона, морам да признаам дека сум зачуден од методите кои европскиот и светскиот првак ги применува, а на кои некои наши третолигаши можат да им завидат. Да се разбереме, нема ништо лошо во носење мотивирачки маици, давање мотивирачки изјави, гласно навивање на стадион, паради по улиците... Но она што се случуваше вчера и во Барселона ги надмина границите на нормално однесување на било кој професионален клуб, и секако фрли црна дамка врз актуелниот фудбалски владетел во Европа.
Клубот домаќин во својот град треба да обезбеди услови за непречено одвивање на сите активности на гостинската екипа. Наместо тоа, се случија работи кои се незамисливи за натпреварување какво што е Лигата на Шампионите. Автобусот на гостинскиот тим беше гаѓан со се и сешто, автомобилот со кој Мурињо се враќаше од прес конференција беше нападнат, а капак на се, цела вечер беа фрлани петарди во ЕЛИТЕН ХОТЕЛ во кој што беа сместени Неразурите, и никој не презема ништо ова да се спречи. Многу играчи останаа без сон и Мурињо е бесен поради тоа.
Следната фаза е на Камп Ноу. Цела недела кружат повиците да се направи максимален притисок врз судиите од публиката и од играчите на Барселона. Во пракса, ова значи дека судиите ќе бидат бркани по теренот за секоја ситница. Дека Каталонците ќе паѓаат околу и во 16-никот и во истиот момент кога некој ќе падне, 5 играчи ќе сигнализираат кај судијата а публиката ќе станува на нозе барајќи прекршок. Секоја чест на нивното фудбалско знаење и квалитет, но фудбалерите на Барселона се познати „нуркачи“. Се случуваше и на првиот натпревар во Милано, оној кој заврши 0-0. Секогаш кога ќе изгубеа топка и Интер ќе тргнеше во против напад, еден нивни играч ќе лежеше на теренот барајќи прекин на играта. Тиаго Мота го изјави ова пред некој ден, човекот одлично ги познава.
Се надеваме дека овој притисок нема да вроди со плод но ретко кога е така. Затоа не смееме да чекаме. Не смееме да се браниме и да се надеваме дека ќе има фер-плеј надигрување. Мораме да постигнеме гол, додека бркаат резултат, додека им гори под нозе. Мораме да ја повториме играта од Милано и да ги поразиме во секој поглед.
Мурињо не беше во право, кога изјави дека ова е фудбал, а не војна. Можеби така го доживува Интер, но не и Барселона. Во право беше сепак, кога рече дека финалето е сон за Интер, а опсесија за Барса. На играчите е да покажат колку е голем тој сон и да се вратат триумфално од Шпанија.