BMW го претстави купето Series 4
BMW ги објави техничките детали и фотографиите од купето од новата Series 4, која првично како концепт беше покажана во јануари на саемот во Детроит. Очекувано, сериската верзија има малку по воздржан дизајн, а препознатливи се и визуелните карактеристики на седанот од Series 3.
Светлата, маската на ладилникот и поклопецот за моторот се изведени од стандардниот модел, додека предниот браник е уникатен за „четворката“ иако не е толку нагласен како кај концептот. Исто така компанијата се откажа од решението за задниот дел, па сега тој браник има многу поконвенционален изглед.
Силуетата на автомобилот ја има карактеристичната навалена линија на покривот која ја беше присутна кај концептот, а во однос на претходното купе пораснаа димензиите и меѓуоскиното растојание. Од компанијата нагласуваат дека покрај тоа, успеале да ја намалат масата на автомобилот за 45 килограми во однос на неговиот претходник.
На купувачите ќе им бидат на располагање четири пакети со опрема: Sport, Modern, Luxury и M Sport.
Во почетокот купувачите ќе можат да бираат меѓу два бензински и еден дизел мотор. Послабиот BMW 428i Coupe ќе биде опремен со 2.0 литарски четирицилиндарски турбо-бензинец со 245 коњски сили.
Посилниот модел BMW 435i Coupe има 3.0-литарски 6-цилиндарски мотор со 306 коњи, а дизел верзијата BMW 420d Coupe ќе испорачува 184 коњски сили.
Погонот традиционално ќе биде на задните тркала, а ќе се пренесува преку шест брзинскиот мануелен менувач, додека како опција ќе биде достапен и 8-степенскиот автоматски менувач. Гамата ќе биде проширена и за уште три модела - основниот бензински мотор, 420i како и посилните дизели 430d и 435d.
Официјалната промоција на BMW Series 4 треба да биде на автомобилскиот саем во Франкфурт, а во октомври ќе стартува продажбата.
Извор:
Кајгана
Ентериерот не ми се допаѓа баш, инаку моќно изгледа количево
