ЦСКА во одбрана на тронот
Овој викенд Атина е центарот на европската кошарка и домаќин на најголемиот настан на клупско ниво на Стариот континент. Тау Керамика, Уникаха и "домаќинот" Панатинаикос на Фајнал-фор турнирот ќе се обидат да ја симнат од тронот московска ЦСКА, која минатата година по цели 35 години пауза повторно се врати на европскиот врв. Задачата за трите аспиранти е тешка со оглед на фактот дека составот на ЦСКА не претрпе поголеми измени од тој кој лани ја освои круната во Прага, а и релативно олеснителна околност е што тие во полуфиналето се среќаваат со најслабиот ривал Уникаха. Во второто полуфинале ќе се сретнат Тау и Пао, двете екипи кои најверојатно најмногу покажаа оваа сезона во Европа.
Преку Уникаха до финалето
Европскиот шампион со право е фаворит за дуелот со Уникаха кој ќе го отвори турнирот денеска. ЦСКА по рекорден петтипат по ред е дел од најдобрите четири во Европа и ќе се обиде да стане само вториот тим во последниве 15 години кој успеал да си ја одбрани евро-круната. Уникаха, пак, е едно од најпријатните изненадувања, а своето место во Атина го обезбедија по елиминацијата на големата Барселона во четвртфиналното шпанско дерби. Сепак, тимот од Малага се соочува со два големи проблеми пред денешниот натпревар поради повредите на Даниел Сантијаго и Марко Тушек. Додека е сигурно дека центарот нема да може да биде дел од турнирот поради операција на окото, настапот на Словенецот е неизвесен.
Со оглед на високата постава на ЦСКА, за очекување е Уникаха да се обиде да ги изненади со ниска петорка и брза игра. Но, тоа лесно може да им се одбие од глава затоа што европскиот шампион е особено силен токму на бековските позиции каде го има ланскиот МВП, Тео Папалукас, како и Трајан Ленгдон, Џеј-Ар Холден и Оскар Торес.
Тренерот на Шпанците, Серџо Скариоло, е познат по тактичките изненадувања, така што веројатно ќе видиме некое изненадување од него. Сите надежи на Уникаха се во рацете на Берни Родригез, но неиграњето на Сантијаго веројатно ќе се одрази на играта во рекетот преку која ЦСКА би требала да се избори за ново финале.
Пао за одмазда и за своите верни фанови
Со почит кон ЦСКА, но дуелот меѓу Панатинакос и Тау Керамика со право се нарекува "финале пред финалето" и дефитивно ќе привлече многу поголемо внимание на првиот Фајнал-фор ден. Посебен шарм на дуелот му даваат тренерите на двете екипи, кои покрај тоа што се големи ривали и се од иста земја, меѓу себе имаат вкупно девет европски титули. Да биде уште поинтересно, пред Жељко Обрадовиќ да го донесе пехарот во Атина, тоа со Пао - 19969 година за првпат во клупската историја го направи токму сегашниот кормилар на Тау, Божидар Маљковиќ.
Двете екипи се познаваат многу добро, а ланската елиминација во четвртфиналето од страна на Тау сигурно е с$ уште свежа кај момците на Обрадовиќ. И едните и другите се исполнети со ѕвезди на речиси секоја позиција и нивните дуели и моментална инспирација сигурно ќе го одлучат победникот. Инспирацијата, барем така би требало да биде, е на страната на "зелените", кои покрај тоа што ќе сакаат да се одмаздат за ланската елиминација, ќе сакаат и да ја вратат титулата во своите витрини пред своите фанатични навивачи.