Еј Кеј
Пред точно осум години, на 29. 01. 2006 г. кликнав на Регистрирај се без воопшто да бидам свесна колку тој клик ќе влијае на моите размислувања, ставови, одлуки и моето растење. Да, буквално пораснав читајќи ги овие букви, промислувајќи, билдајќи его, преиспитувајќи се. И имаше моменти кога се навраќав да ги прочитам мислењата од тинејџерските години, мислења поради кои се срамев од себеси, но кои неоспорно обележале период од мојот живот. Да, тоа си ти, сè што имаш напишано во некој момент ти поминало низ глава и те претставува тебе. Ама ова не е личен дневник, овде имаш публика. А со побудите за споделувањето на мислата треба да си на јасно.
Има денови кога не ти се чита, не ти се пишува, кога само зјапаш во една точка и не размислуваш буквално за ништо. Има денови кога сите букви, сите аргументирања, караници, мисли и промислувања не значат ништо. Има денови кога во погледот на едни крупни, светли и насмеани бебешки очи ја откриваш целата суштина, како за миг некој да ти ја дошепнал тајната на универзумот. Во само еден проблесок одеднаш сè ти станува кристално јасно. И ништо повеќе нема смисла. Не знам дали растењето нè прави помудри и поискусни, или наивноста и невиноста на еден бебешки стисок е доказ дека сите мудрувања и сите муабети се млатење празна слама. На крајот останува само емоцијата и неа долго ја паметиш. И поенти и докажувања и самозалажувања, ама баш сè е минливо.