Стареам.
Или созревам. Не знам.
Правам многу грешки. Така ми се чини, можеби. Се трудам, или не? Некогаш, навистина не знам која е мерката, силата, важноста. Па само си молчам. И онака сум баритон денес.
Добив комплименти дека сум есенционална и не смеам да се извалкам. Добив и опомени дека правам непромислени потези. Нема едно без друго. И си правиш шејк. Хранливо, за главата.
Пеевме вчера. Црвен кармин и вино. Утрово мејлови еден куп. Му се јавив вчера да пренесам љубов. Скоро и заспал, само ми мјаукаше. Немаш претстава колку сакам да те видам. Можеби никогаш нема да ги прочиташ овие зборови, којзнае?
Си мјаукаме сите. Сите скришум додека заспиваме, си ја гушкаме перницата, или партнерот/партнерката и си мјаукаме. Сите тие неартикулирани крици се анималната потреба за спој. За бивање со некого, да се испразниш од себеси и да станеш Ние.
Мандарини, нормално утрово - зошто вчера со таксистот, откако ме остави кај Специјал, и двајцата влеговме на бурек. Се отвори човекот. Тежок живот. Завршил правен - работа нема. Може имаше четириесетина. Сакал да патува низ светот. Ама вака патува низ светот наречен Скопје. Низ залаци бурек, добиваш уште една судбина гратис. Ми треба мемориска картичка плус, за да запаметам вакви ситуации. Пенкало во чанта секогаш. А и подарок од блогерајов.
Денес, ми недостастуваш повеќе од вчера, а кога ќе дојдеш, ќе си достасуваме ли? Се прашувам и тоа.
Многу Марсовци низ градов. Ерава, загадена, прво од воздух, па од крв. Сакате револуција, а немате став. Не може така. Излези од својата конфор зона па кажувај ми прикаски. Не ми се мудрува, а толку работи впивав деновиве. Хакерска етика и слобода на говор на вакви страници. Што е тоа? Потреба за его трип? Некој чита и жедно ти прави проценка? Мислењето ти е како задникот - нели секој го има, ама не мора да го покажува. Т.е зависно што има да покаже. И фарса, фарса, фарса, замотана во прикаски. Е токму тоа чувство прелета деновиве низ сите мои системски подредени вредности. За кои преиспитувањето значи страв. Промена. Можеби и пре-размислување. Почит и демагогија - толку си се лажеме уверливо, што сето тоа на крајот на денот станува религија.
А сакав само да кажам дека гласот ми се фати, боровиов сируп ме омекна. Дека стареам, човече.
И дека освен здравје, љубов и луѓе веќе ништо не ми треба.
Четврток, ко да ми мириса на снег. А може и само ми студи.
Враќај се.
М.