Понеделник без одговори. Јас, пижама - девојка на слободен ден. Ништо не ми се прави, ми се угодува најпросто, најтелесно. Грицки и day off од диета. Два пара фармерки горе ми се широки. Минус 4 см во обем - жива радост. Се тркалаат зелени патлиџанчиња низ кујна. Татко ми прави туршија и потпевнува нешто. Ми бараше затка за бурето и најгенијално заклучи дека за тоа му е потребно "некое пошироко моливче" и ми рошка низ биро. Станувам, отворам балконска врата. Заклучувам дека е убав ден надвор и дека последниве три дена секое утро бев на готовс. Водно, Матка, пешачење. Ники, Американецот, фасциниран од нашиве убавини. Ние, meeeh и срам да те фати колку не си го цениш она што ти е пред нос. Нормално, нели. Чај на Водно и жичарата во обид за превод. Ropeway! Хип хип хуреј! Ама супер си поминавме. Шалташ македонско/англиско/тетовски. Мириса на сонце. Друштвово изнасмеано. За тоа и сум среќна, друго не е ни важно. Му праќам пораки на очаен француски. Тој се смее и ми постира слики од Јованка и Тито. Абе, Париз ене го кај е, ама страв ми е. А едвај чекам. Луди сме. Бизарен хумор, во мали дози и големи пози. Се редат интересни рецепти, а вселенава сака да ми каже неколку работи:
- Се’ што е твое, нема да си дојде само, туку ќе си потрчаш ем испотиш газ да си го земеш.
- Љубовта се храни со срцева суштина, а не со гладни егоа.
- Бегај од луѓе што секогаш имаат што да кажат за Другите, а себеси ни во огледало не се гледаат, од што немаат што да видат.
- Купи си нови дезенирани хулахопки, против стрес и те како помага.
- Форматирај го компјутерот, и тој е човек во сета своја контрадикторност.
И верувам. Па си купувам чоколаден милк шејк во сон енд ол д бојс ар ин мај јард. Со тоа што немам двор, имам ходник. Виноскоп, мизерија со опроштание. Ноќиве личеа една на друга. Ама јас добив брдо комплименти и критики за книгата по улици и се прерадував. Ја читаат бре. Ме препознаваат во неа, сум си кажала што сакам. Допрело. Зар има нешто посилно од тоа? Барем за мене сега нема.
Како да му ги објасниме македонските жени на странецов. Му викам, We are curvy and loud. Се смее и ми вика - ајде, не зборувај за себе. Секаде се со кратки ракави бе. Не им студи. Што знам. Убаво е кога ќе ти се деси нова енергија од луѓе што дошле по своите корени а сепак имаат нешто ново да ти кажат.
Пижама девојка. Со Washed Out на рипит и смрзнато кафе од вчера.
Сакав да кажам, чуден е овој свет. Уште сме почудни ние, луѓето. Ама сепак, се врти.
М.