Драга Кајгана...
Пред да почнам да го пишувам она што навистина мислев да Ти кажам, морам ова: на 1984-та страница сме... Орвеловата 1984... таа година тргнав во прво одделение... 1984... Зимската олимпијада во Сараево

, летната во Лос Анџелес... Малце времеплов... сепак, тогаш бев безгрижно детенце...
Ај сега на сегашноста да се вратиме и на она што ќе пишував:
Знаеш, денес во Струмица беше убав, сончев и топол есенски ден. Еден од последните.
Недела... ден кога сме сите цел ден дома.
Го искористивме да се прошетаме малце низ паркот. Златно жолтата боја доминира. Си замислував како Тургењев би опишал... Сепак, дојдов до заклучок дека е беспредметно. Тургењев е еден. Само тој знае како со доооолги реченици да искаже и да опише премногу и преубаво.
Да! Убаво е кога најмилите се со тебе во една лежерна и опуштена атмосфера. Безгрижност... детска невиност и наивност. Забораваш на се.
Помага барем за миг да се отараси човек од мрачните мисли кои притискаат и измачуваат и сакат да се вратат.
Одеднаш станувам свесен за сегашноста. Да, таа е прекрасна!
Нема поголемо богатство од тоа да си со жената која ја сакаш, со децата...кои ти значат најмногу во животот.