Вчера беше миг на re -consolidation.
Рапидно остарува човек кога сфаќа дека е многу поблизу до себе, одошто од другите, во еден епицентар од животот. Не заради нешто друго, но сета ефтина забава, прераскажани туѓи животи, кичерајски намонтирани емоции, плитките прашања, злобните одговори, веќе не сакам да ги имам во свое опкружување.
Не ми се влегува во таков светоглед. Не ми се зборува за ниски удари и нечии солзи што не ме засегаат. Не ми се воздигнуваат некои извитоперени вредности на ниво за разговор. Ми требаат идеи и испосничко катче за тие да бидат реализирани.
Да, имаш моменти кога се чувствуваш контаминирано.
Во слика како бизарна оргија на средовековен сликар. Смрдеа на месо. Истурено пиво. Бени ја свири Save tonight по милионити пат, луѓето џускаат, се радуваат, се забавуваат. Фршти на пот, на недоквакани тинејџери кои допрва ќе го мразат системот во кој живеат, а можеби и ќе им одговара?
Не го сакам веќе тоа бре. Не го сакам. Нихилистички се повлекувам во своите одори и ете, ми се дреме на зен карпа, да пишувам поезија и истото тоа да ме одржи чиста. Да готвам домашна салца со Destroyer во позадина. Да месам леб додека не ме заболат дланките.
Да родам деца, зошто сакам да бидам мајка и жена, а не одговорно општествено штиклирана индивидуа која "леле се омажи" и "леле, си го зезна животот".
Не сакам веќе кавер музика, не сакам валкани рачки од автобуси. Не сакам доцнење на животни одлуки, замирање на емотивните жаришта само зошто луѓето ГИ МРЗИ да направат нешто што ги радува. И полесно е да си дел од толпата која вриска, галопира, се дере, омаловажува, се’ и ништо кажува и си легнува со полн стомак навечер. А позади себе не остава ништо.
Имаат право драгиве луѓе околу мене. И моите. И оние новите, со кои се запознав. (не)Случајно учам како овие години од животот селектираш се’ што не ти одговара и цепаш даље.
Доаѓаат тие моменти и со ништо не ги спречувам.
Зборовите Не и Доволно беше, можеби треба да се активираат.
И сите среќни, по принцип - јас ок, ти ок?
Бездруго, се расте со сите нишани. И некогаш треба да сечеш со сабја се’ што се испречува на патот. Коров или пиреј, или само време, тоа метафорите нека одлучат.