Кога вечерта ќе си ја поминеш со варено вино, баклава, мрсни вицови и куп жени, знаеш дека тоа ти го стоплува срцето.
Ноќва е љубовна и охрабрувачка како гушкањето на Кејт Буш и Питер Габриел во Don't give up спотот. Едноставно.
Многу мисли, многу различни енергии, години и искуства, тоа е она што не’ прави различни а толку поврзани. И по не знам кој пат, ми рекоа дека треба да се обидам како стенд ап комичар, макар ко Доти Инглс, со точки цела, ќе лупетам после третата чаша вино!
Викендов ќе се тегнам како мачка, ќе мрзелувам небаре тазе породена дур ме цицаат седум гомнувчиња, ќе се превртувам во дремеж, ќе читам списанија за подобро лице, помалку целулит и малку теоријата ќе ја тргнам на страна. Не ми требаат веќе мудрости за да се чувствувам некако. Просто некогаш сакам мозоков да го пуштам да пасе трева и облаци и да мирувам. Зен да зенувам, како што и впрочем викендов треба да биде.
Сакав да кажам дека обичните мали средби со големи луѓе ти го чуваат умот подалеку од јадот и злобата, и можеш многу да научиш од оној кој изгубил нешто во животот, но добил многу повеќе од зрелоста, солзите, борбата.
Не е се’ мед и млеко, не е се’ само штикла и пудра.
Но, рамнотежата мора да постои, како инаку ќе знаеме кои сме. И кои не треба да бидеме.
Што знам, оптимизмот е можеби патологија, па макар би имала и таква дијагноза, тоа е мојот избор.
Животот, е лудница, еднаш реков. Само треба да одбереш соба со убав поглед.
Мојот, гледа кон недофатлив хоризонт и бескрај.
Добра ви ноќ. Крајот на светот не доаѓа, доаѓа нов почеток.
М.