Утро, кутро.
Кафе цел бокал и тапа чувство во гради. Кога сме кај соништата, веројатно пикам нос кај што не треба. Во периодов, тројца ми кажаа дека ме сонувале во различни ситуации и констелации. Енергија, се’ е енергија, кога ќе видиш.
Сакав да кажам дека ми се оди на Метелкова, впрочем, ми се оди некаде. Ама срцево пушта љубовни писма за Јапонија и плаче, како никогаш до сега.
Интима, истурена како кафе на подот. Па што. И онака, веќе ништо немам, а имам се’. Време и чекална на животот. Сите мапи се непознати, а мене ми студи. Задутре правиме година и три месеци. Знаеш? Па така, сакам да ме стоплиш. Како џез албум на Ела Фицџералд. Како шолја какао во студен декември. Како калчунки од баба, со две бои волница и две сонца во нив. Просто, истекувам од емотивната река и влегувам во некое ново море, непознато. Не ми се пишува она што треба, ами она што сакам. И некако, сеедно е. Крајот на светот можеби навистина наѕира. Ама не на оној апокалиптичен начин на кој мислиме сите. На друго ниво, од кое јас морам да се заштитам, зошто понекогаш сите болки на овој свет си ги нагрбувам, небаре којзнае кој шаман и гуру сум, а не сум. Обичен човек сум, со маани и проблеми, со размисли и мисли и предомисли и шишка ко Елвис Присли, и така натаму...
Ми принедостига убаво расцветан цвет, во градина, да видам и фатам. Така пред некој ден ги милував жардињерите на улица Македонија, оние што ги ставија по пешачките зони. Ми треба таква, мека невиност да донесам во својот систем, кој закрчува, се пали и гаси, замира, па се крева. Уморно е тоа, впрочем, секој го доживеал.
И ете. Ќош, и во него хартиено авионче. Го искарале зошто летало слободно, па сега одлежува казна со лет во место. Зборовите ќе останат недокажани.
Да...
М.