Превртено, испревртено...Кога не очекуваш поштарот на врата и опа новост која ти менува се живо. Види, мене не ми е чудно што животот ми бил едно напред две назад. Традиција си е тоа, мора да се испоштува. Чудно ми е чувството кога ќе загазам со едната нога напред. Веќе не е исто. Додуша што е исто?
Така ти е тоа јаране мој. Стари пријатели со нови обврски, нови пријатели со познати навики, муабети кои не се менуваат, карактери кои се повторуваат. Се е различно, поинакво, а сепак исто. Иди најди му го крајот.
Јас почнав да се менувам, да чувствувам замор, нешто што не ми било својствено ни на сон. Ме заморуваат бесполезни муабети, радо би зјапала во празно во тишина, отколку да правам муабет за времето без поента; ме заморуваат напорни луѓе, тажни приказни, празното време на кое му треба квалитет. Само мене ми се чини или сите се уморни? Како да не носат глава на раменици, ја оставиле дома со својот сон од детството еден ден да се оптегнат 10 дена на плажа со мохито без да се стегаат кога ќе дојде време за бакшиш на келнерот. Само што сега преголема грижа им е што патлиџанот, струјата, нафтата и струјата ужасно поскапеа. Овде на овој простор се собрани премногу такви соништа, до толку многу што стануваат патетични. Се сопкаме на сонот на комшијата, а тој на нашиот.
Туку, ова е мојот омилен период од годината. Моментот кога цело маало ми мириса на јоргован и на цветот на дрвјата. Луѓево повеќе го сакаат летото и едвај ги чекаат 10 те дена одмор за кои плаќаат повеќе отколку што имаат, и во суштина повеќето се одмораат од одморот, а јас секогаш го чекам овој прв мирис на вистинска пролет кој речиси секогаш е околу Велигден. Ова е времето кое јас го сакам, до крајот на Мај. После тоа им оставам да ми раскажуваат каде ќе одат на одмор, додека јас сонувам за мирисот на наредната пролет.
Нешто недостасува во целава моја приказна....Знам и што е тоа, ама оди најди го кога тоа не те бара :wink: