Драга Кајги,
Вторник, 28. декември, 2010
Последен вторник оваа година, ама не менува ништо, одамна престанав да се радувам на Нова година. Дедо Мраз мене одамна ме заборави. Се` продложува, се` станува почудно. Измешани чувства, измешани мисли... На моменти се чувствувам како Сизиф, само туркам некој камен, ама никако да го истуркам. Понекогаш си помислувам дека некои работи требаше да ги променам оваа година, требаше да бидам поупорна и поодлучна, ама тоа беа работи кои не зависеа од мене. Направив една огромна промена: почнав да си давам повеќе шанси за да успеам, не се форсирам како порано. Се потсмирив колку толку. Сега почнав да размислувам малку повеќе за некои работи. Започнав нешто ново, ама многу попретпазлива ќе бидам овој пат. Во изминатава година направив некои грешки, сеедно што од моја страна не беа намерно направени, си ги признавам. Сфатив дека не се борев доволно за некои работи за кои требаше, а кога не требаше давав премногу. Одамна престанав да размислувам како другите ме доживуваат, тоа многу ми помогна за заборавам некои лоши работи. Не сум злопамтило, ама оваа година научив да терам инат. Воопшто не ми се допаѓа ова последново, ама треба да се навикнувам на промените.
Оваа година емоциите беа од една до друга крајност. Имаше куп убави работи, имаше куп свадби, многу веселби, но имаше и неубави работи, на некои помен, некои починаа, со некои се збогував, некои за момент ми киднаа. Жал ми е што немам шанса да го поправам тоа, ама ќе мора да се навикнам дека во животот ништо не можеме да вратиме назад. Минатото не можеме да го смениме, сега се` ми е џабе.
Се` во животот ни се случува со некоја причина. Читав една многу чудна книга и сфатив дека сум погрешила за многу работи. Нема да си играм повеќе со оган, доволно беше! Ќе мора да ме прифатат ваква! Никогаш не сум имала потреба да се правдам и да докажувам некому нешто. Никогаш немало причина да се срамам од некоја моја постапка! Оваа година многу работи сфатив. Кога прв пат ја читав: „Зошто мажите сакаат кучки“ си помислив кое срање е ова, ама... сум погрешила. Ја препрочитав пред некое време и сфатив дека книгата има многу различна поента. Заведена од моментнталните случувања, сум ја толкувала погрешно. Драга, промените ги правиме ние самите, а не луѓето околу нас. Одлуките ги носиме ние. Другите со нас се однесуваат онака како што сме заслужиле. Имаше еден период кога се чувствував толку... мизерно! Ништо не ми одеше `ко што треба, но сфатив дека грешката е во мене.
Периодов е лудило! Пред некој ден го средував компјутеров, имаше толку многу непотребни работи. Па, така „чистејќи“, налетав на некои интересни работи и сфатив дека сум имала погрешно мислење за себе и за многу работи. Порано не можев да ги сфатам некои работи, но откако препрочитав се` убаво, на тенане, мислам дека полесно ги сфаќам некои работи. Сфатив дека сум научила една огромна лекција во животот, но не сум се променила, искрено сум го отворила срцето. Тоа не ми смета, напротив, ме прави пресреќна! Во целиот овој урнебесен период моето срце и мојот ум останале чисти, искрени. Пробав да се вратам на некои стари навики. Колку толку успешна беше пробата, сега е ред за премиерата!
Му благодарам на Господ за оваа година! Ми требаше вакво нешто, за повеќе да се почитувам себе и да сфатам дека и покрај се` моето срце знае искрено да љуби. Повеќе не ми е гајле дали некој ме сфаќа сериозно или сум нечив дворски шут. Никогаш не ми сметало, па и сега не ми смета ништо. Доколку успеав на некому да му донесам барем мала насмевка од срце се радувам што сум му го разубавела денот. Нема да се правдам и да се докажувам! Кој ме сфати, ме сфати, а кој не ме сфатил, слободно нека ме праша. Животот е прекраток за да си играме асоцијации. Кој ме сака ваква супер, кому не му се допаѓам... тоа е животот. Јас сум заменлива, штом мислат дека не сум по нивни вкус, слободно нека ме менуваат со некоја личност која повеќе ќе им одговара, ќе ја почитувам нивната желба. Важно е јас да си ги знам моите чувства, важно е јас да ја препознаам љубовта.
Во животот ништо не е изгубено, се` е тука до нас, само дали ќе успееме да го видиме и да препознаеме дека тоа е она што сме го барале. Планирам да го гледам деновиве. Одамна не сум го гледала.
Во животот се бориме за работите кои ги сакаме, а сме рамнодушни за она што не ни значи ништо!
Драга, лесно сонче! :back: