Драга,
Ако нешто ме научил животов, тоа е да бегам од луѓе кои не знаат што сакаат. Што подалеку од нив!
Почнувајќи од најбанални муабети, од типот што ќе доручкувам денес, па преку љубовни одлуки (ја/го сакам, ама не знам, може не, чек малку да се одлучам, може ќе се решам да иницирам нешто наредната, престапна година), па се до крупни и важни решавачки животни прашања, како работа, брак, селење, развод, деца и слично.
Убаво е човек да размисли за се нешто, ама кога тоа веќе ги надминува сите разумни граници, преоѓа во дебилизам, да се разбереме.
Е преку Тасета ми е веќе од таквите кои си земаат за право на цела околина да и ги дриблаат живците со своите секојдневни недоумици, премислувања и размислувања, мислејќи дека сите ние немаме друга работа, туку само чекаме и седиме да ни се соопшти "битната" одлука, која мораме да ја аминуваме, вака или онака. Ах, да, и како шлаг на торта, обично тие се НЕСФАТЕНИ.
За некои работи животот е мошне едноставен и може да се сумира во црно-бела варијанта од типот ДА или НЕ, САКАМ или НЕ САКАМ. Тука нема 100 нијанси на некоја сива боја, нема мрдање и нема дипломатија. Голем број прашања заслужуваат конкретен, едноставен, јаст и цврст одговор. Не дозволувајте си никогаш и никому да му бидете на стенд бај опција, без разлика дали се работи за другар, девојка, или брачен другар/ка. Освен ако сакате да ви обеле косата дур се одлучи за нешто.