Утрово, само што легнав ме вознемири една страшна бука.
Беше тоа брчењето на еден авион. Веројатно од оние кои прскаат против комарци.
Живеам блиску до река, па овој се врткаше неколку пати во близина на мојата куќа.
Облаците без чисти, сини, како море. Бескрајни.
Излегов на терасата и го гледав...
Знаете на што ме потсети?
Ме врати назад неколку години, кога им се радував на авионите кои ќе прелетаат над мојата куќа.
Ме потсети на детството. На мојата мајка.
Се сеќавам, таа ја средуваше градината, копаше и садеше цвеќе, а јас малечка, коса собрана во репче на сред главата, како фонтана, се врткам околу неа.
И во тој момент минува еден авион. Ниско леташе.
Мајка ми рече: Викај му, ќе ти пушти нешто.
Трчав по дворот, по градината, тапкав... авииионее, пушти ми бомбонееее!!!
И потоа, мама рече да погледнам доле, имаше карамела, оние малечки, замотани во жолта хартија...
Леле, колку само бев среќна во тој момент. Неизмерно.
Мајка ми ја пуштила, само за да ме гледа како се радувам.
На сите им раскажував за карамелата што ми ја пуштиле од авион.
Колку мали работи ме правеа среќна.
Повторно сакав да се развикам утрово, да трчам боса на трева, да се качам на ридот за да бидам поблиско до авионите и да викам: Чичко пушти леткии!
Да можев, уште само еднаш да гледам како летки паѓаат, една да фатам. Само една.
Барем да можам да видам некое дете, како се радува, ќе ми ја наполнеше душата. Жално колку овие дечиња брзаат да пораснат.