Што се случува со владината ДПА, прашање за кое партиите почнаа да шпекулираат. Опозиционата ДУИ нуди еден милион долари за одговор. Еден веќе добија од поранешните владини партнери ЛДП.
„Во овој момент се случува формирање на коалицијата ВМРО-ДПМНЕ - ДУИ, чијшто договор е ДУИ да го поддржи гласањето во парламентот за вонредни избори, а потоа всушност да се формира новата Влада. Во овој момент се случува формирање на нова Влада, којашто треба да се формира по предвидените парламентарни избори“, изјави Андреј Жерновски, ЛДП.
На овие наводи Џеват Адеми е без конкретен одговор.
„Да чекаме прво што ќе се случи. Таква понуда од Никола Груевски немаме. Дали би поддржале предвремени избори? Претседателот Ахмети кажа, ние имаме агенда, имаме приоритети и не бегаме од тоа, ако ни се фрли како тоа не бегаме од тоа“, рече Џеват Адеми.
Без одговор на оваа тема се и од ВМРО-ДПМНЕ. Затоа реакција стигна од опозиционата СДСМ. Премиерот, сметаат од СДСМ, не го одржал зборот за одговорноста на функционерите.
„Очигледно, по којзнае кој пат, во изминатите години и седум месеци се повтори праксата дека министрите, дали Вера му одговарало на Тито, или пак министрите на ДПА на Мендух Тачи, дека ова спаѓа во уште едно неисполнето ветување на премиерот“, вели Јани Макрадули, СДСМ.
За прв пат по оставките на функционерите на ДПА се огласи и премиерот Груевски.
„Претходно разговарав со господинот Мендух Тачи, бев информиран од него, ги слушна моите сугестии, моите оценки за одредени личности, така што по нашиот разговор господинот Тачи со врши одредени чекори во својата партија, што е сосема нормално, бидејќи е нивна партија“, изјави Никола Груевски.
На иста линија се и неофицијалните информации кои стигаат од владината ДПА, кои денеска одлучија да не зборат јавно на оваа тема. Ги признаваат само оставките за кои рекоа дека се внатрешно прашање на партијата.
Неофицијално, од ДПА додаваат дека за разлика од другите партии тие се самокритични и прифаќаат дел од одговорноста за паднатиот рејтинг, иако се уште сметаат дека последната анкета на ИРИ е нереална.
Од ДПА информираат дека ги прават потребните анализи за работата на сите функционери кои поднесоа оставка.
Потоа, во рок од десет дена, списокот со нивните кадровски решенија ќе му го достават на премиерот Груевски, кој, сепак, го има последниот збор за нивно именување.