Да не заборавам да одговорам на повикот.
Значи да почнам од локацијата. Концертот се одржа на Гис или алтернативно Дасус амфитеатарот. Самиот амфитеатар е лоциран во населбата Триандрија на самиот рид Хоријатис, на граница помеѓу цивилизација и шума. Фантастична локација од една страна се издигаат стрмни карпи а под нив борови дрва, како измислено за некој спиритуална сеанса од средновековието
Времето беше побајаги свежичко арно што си земавме стиропор за едно евро кој се продаваа пред влезот. Од прво си помислив дека евро е грабеж за парче стиропор од триесетина на дваесет сантима ама среќа ме разубедија да земам па спасив гз (буквално). Пиркаше убаво ветарче, температура 3-4 степена испод идеална. Небото беше чисто без облаци и изразито се гледаше полумесечината што даваше дополнителен суперлатив на целата ситуација. Кога ние стигнавме некаде 8 и пол, еден дечко свиреше на едни три инструменти, ги рече како се викаат типот ама заборавив, изгледаа како зелени летечки чинии и вадеа звук на племенска музика од неолитна доба. После тоа имаше некои си 40 минути пауза и некаде 20 за 10 на сцената се појавија Лиза, Брендан и уште ако не се лажам четворица, една жена на сајзер еден на тапани и уште двајца на други инструменти. Прво Брендан почна со Children of the sun. Веднаш после тоа одеше Анабасис. Кога Лиза почна да пее осетив како Волт и Ампер да ме пржат од внатре како вртена кокошка кај Чичо карши Реплек. И таман помислив дека ќе го тераат цел Анастазис од почеток до крај, Брендан продолжува со Раким на големи овации од публиката. Подоцна продолжуваат комбинирано со песни од новиот албум и постари меѓу кои беа Sanvean и Host of the seraphim, Брендан отпеа и некоја грчка песна што прв пат ја слушав, Лиза ја пееше сега веќе култната Now we are free од саундтракот Гладијатор. Три пати ги враќавме на бис, на еден од бисовите одеше Return of the she-king која беше последната песна од Анастасиз која не ја се свиреа, па дури и предвидливо беше дека намерно беше изоставена за бисот. Тотално изгубив осет за време, ама мислам дека се траеше околу 2 левитациски, астрално проекциски часа. Не одеше Yulunga, The carnival is over и уште 3-4 кои се сепак нивни трејдмарк песни меѓутоа целиот тој сплет на граница од цивилизација па рид и шума, амфитеатар но од модерна градба, прамузика ама изведена на сцена со релектори, кабли, матрици и други технологии, луѓе од турбулентниот па дури и бесдушен 21 век а толку гладни за пронаоѓање и експлорирање на нетангибилни духовни димензии и сфери, едно одлично фузирање на древното, исконското, племенското со модерното, современото, денешното. Колку и да звужи взаемно исклучиво само по себе Dead can dance докажаа дека и минатото може да биде чиста авангарда. Лиза свиреше на познатиот нејзин инструмент налик на ксилопфон додека Брендан му додаде една толку софистицирана нота на бузукито, чиј звук до тој концерт мене ме асоцираше само на прост грчки турбофолк, а на некои песни свиреше некој чуден тип на гитара. Народот беше доста хетероген од несфатени атеобудисти во чудни секташки облеки, до алтернативци, до луѓе кој буквално изгледаа како статисти-скитници од америчките филмови кои се греат на запалени буриња и цела своја оставина ја туркаат во количка од Вол Март, до некои поотмени дами и господа. Имаше и доста Бугари, а богами и наши, видов доста луѓе кои редовно ги гледав низ скопските рок места од Лејди Блу, Маракана и првото Кастро кога се отвори и свиреа Сешн Селекшн со Мра. Мирисот на обичен и ароматизиран тутун синестезиран со индиски канабис без страв и устручавања го исполнуваа непосредниот воздушен простор над амфитеатарот, прекинуван само повремено од досадните продавачи на сокови и чипсови кој цело време довикуваа на грчки-чипс, чипс, сок, сок, пиво, пиво, ајдете луѓе, светкаа со џебни ламби и за само микросекунда го нарушуваа тој маѓоснички момент. Многу од луѓето одбраа да не седат на самата трибина, туку целиот концерт го слушаа стоејќи до пред самата бина. Ако сте љубители на таква музика, или имате склоности кон експериментирање и откривање на музиката без двоумење да отдете барем еднаш на Dead can dance и да ја впиете енергијата и силата на предците.