Се е подготвено за премиерниот натпревар на нашата репрезентација на ЕП 2014, во кој „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со домаќинот Данска. Јасно е дека актуелниот европски првак ја има фаворитската улога на овој меч, како и впрочем на целиот шампионат, но нашите ракометари се решени да дадат се од себе во обид да приредат сензација. Не е никаква тајна дека најголемата опасност по нашиот гол ќе доаѓа од извонредниот Микаел Хансен, но селекторот Ивица Обрван потенцираше дека не се подготвува за „специјална одбрана“ против членот на ПСЖ.
„Хансен е извонреден ракометар, но мора да се напомене дека Данска во своите редови има огромен број на врвни ракометари способни да го решат секој меч. Токму затоа нема да имаме специјален план како би го запреле Хансен, наша цел ќе биде да одиграме одлична тимска одбрана против сите нивни ракометари, тоа е единствениот начин да се оствари позитивен резултат против голема репрезентација како што е Данска“ – изјави Обрван.
Нашата репрезентација околу пладне го одржа и својот прв тренинг во Хернинг, по што сега неколку часа ќе одмори во својот хотел пред да дојде во арената за да го проследи првиот меч од групата, меѓу селекциите на Австрија и на Чешка.