Политичарите ја поздравија идната спогодба со САД
Гоце Михајловски
04.04.2008 18:00 Ѓорѓи Оровчанец
Македонија е втората земја во светот, по Израел, со која САД ќе склучат специјална спогодба за воено-техничка соработка.
Македонските политичари денеска го поздравија потегот на американскиот претседател Буш.
И тие, како и експертите, сметаат дека спогодбата на долг рок не може да го замени членството во НАТО, но се убедени дека добро ќе го потполни вакуумот што се остава до моментот кога ќе ја добиеме поканата.
„Во овој момент и во овој вакуум период би требало и тоа е добро од психолошки аспект да го потврдиме партнерството со САД и еден ваков воено-технички договор има психолошки ефект“, изјави Ѓорѓи Оровчанец, пратеник.
„Добро е што Република Македонија и САД ќе потпишат договор за воено-техничка соработка во услови кога се уште не сме во НАТО. Без разлика што ги исполнивме критериумите, добро е таков договор што ќе се потпише“, рече Павле Трајанов, пратеник.
Павле Трајанов
„Ние треба да ги решиме проблемите, токму од САД е сугестија да си ги решиме проблемите. Можеме да ги решиме, ќе ни помогнат да ги решиме. Ние немаме паралелен пат, тоа се измислици“, вели Стојан Андов, пратеник.
Колку воено-техничка опрема и пари ќе добие Македонија со специјалниот договор од САД, засега не е познато. Тоа ќе го договараат министерот Милошоски и високи претставници на Пентагон за десетина дена во Вашингтон.
Тел Авив од 1979 година досега добил над 70 милијарди долари. Во август минатата година Вашингтон се обврзал дека во наредните десет години ќе му помогне на Израел со оружје и опрема вредни 30 милијарди долари.