Во Македонија во 2025 година се регистрирани 132 несреќи при работа и 31 загинат работник. Статистиката покажува сериозни ризици, особено во градежништвото.По несреќата на градилиште во скопската населба Кисела Вода, каде деновиве еден работник загинал, а тројца беа
повредени,во фокусот повторно се најде безбедноста на работното место, особено во градежниот сектор, каде и најчесто се случуваат несреќи. Податоците на Македонското здружение за заштита при работа покажуваат дека во текот на 2025 година се регистрирани 132 несреќи при работа, од кои 31 со смртен исход.
Овие податоци се содржани во Годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања за 2025 година, објавен по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април.
Најризични сектори според статистиката
Најмногу несреќи при работа се евидентирани во преработувачката индустрија – 33 случаи, по што следуваат
градежништвото – 15, јавната управа и одбраната и задолжителното социјално осигурување – 12, дејностите на домаќинства како работодавачи – 11, административните и помошните услужни дејности – 10, како и транспортот и складирањето – 9 случаи.
Од вкупниот број несреќи, 31 завршиле со смртен исход. Најголемиот дел од загинатите се мажи – 26, додека пет се жени. Според возраста, најмногу починати работници има во групата од 25 до 34 години.
„Безбедноста не е избор, туку обврска“
Посебен осврт во извештајот е даден на трагичните настани што ја одбележаа годината, меѓу кои и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој дополнително ја нагласи потребата од строго почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефикасен инспекциски надзор.
„Анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа при работа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност“, порачуваат од Македонското здружение за заштита при работа.
Оттаму нагласуваат дека безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска. „Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа“, истакнуваат од Здружението.
Долгорочна црна статистика
Според извештаите на Македонското здружение за
заштита при работа,во периодот 2022–2024 година, вкупно 356 работници биле повредени, а 54 лица го загубиле животот извршувајќи работни задачи. Овие бројки не ги опфаќаат сите несреќи, смртни случаи и професионални заболувања, особено во неформалниот сектор.
Во 2022 година биле регистрирани 22 смртни случаи при работа, со стапка од 3,17 загинати на 100.000 работници, што ја позиционира Македонија меѓу земјите со висок ризик. Во 2023 година биле евидентирани 2.237 повредени работници, односно 323 повредени на 100.000 вработени. Преработувачката индустрија останува најризична, но градежништвото повторно ја бележи најцрната статистика со седум смртни случаи.
Во 2024 година, регистрирани се 133 несреќи при работа, од кои 15 со смртен исход. Стапката на смртност достигнува 2,45 на 100.000 вработени, додека бројот на тешки повреди расте на 16,76 на 100.000 работници. Скопје и понатаму доминира по бројот на несреќи и загинати работници.