Погребан пилотот Славчо Ѓорѓиев
Две „Цесни“ со летачки маневри за последен пат го поздравија пилотот Славчо Ѓорѓиев, кој долги години успешно управуваше со нив. Роднини, пријатели, колеги на градските гробишта во Бутел со тага и болка се простија од Славчо. Велат, на него секогаш ќе се сеќаваат како голем човек и пилот кој секогаш безбедно леташе.
„Со неговиот ентузијазам се отвори школа, се направи пилотска академија каде се обучија доста пилоти и мислам дека така ќе продолжи школата и понатаму“, изјави Димитар Секулов, инструктор по летање.
Славчо Ѓорѓиев зад себе ги остави сопругата Аленка, ќерката и синот кој ќе продолжи по стапките на неговиот татко како пилот.
Ѓорѓиев пред два дена загина откако неговата „Цесна“ со која управуваше, од засега непознати причини се урна во близина на местото Скребатно кај Охрид. Покрај него, во авионската несреќа загинаа и Ѓорѓи Ристевски, сопственик на хотел ресторанот „Ловец“, неговиот сват Јонче Савевски и Гоце Тасевски, вработен како угостител во ресторанот „Ловец“.