Славење среде Атина
Во крајно возбудлив и динамичен натпревар, иако резултатот навидум дава дуга слика, нашата "Дејвис куп" репрезентација во состав Лазар Магдинчев, Предраг Русевски, Димитар Грабуловски и Димитар Лабудовиќ предводени од селекторот Христо Јанков и тренерот Горан Шевченко убедливо, со 4:1, среде Атина, во рамките на натпреварите на 2. Евро-африканска зона ја совлада соодветната селекција на Грција.
Први во водство дојдоа Грците, и тоа благодарение на победата на Економидис над Русевски, чија игра траеше исцрпувачки пет сета. И токму тоа може да е клучниот момент за нашиот триумф бидејќи завчера во двојки и вчера повторно во сингл Економидис, кој едвај го завршил првиот натпревар поради добиените грчеви, од замор, не влегол во игра. Таа заслуга е само на Русевски, кој до изнемоштеност го донел својот ривал. Кажано жаргонски - го издишал, фаза во која поправен нема.
Во вториот меч, кој исто така се играше во петокот, Магдинчев поентираше против Јакуповиќ (3:0 - 7/6, 6/0, 6/2) со што во тој момент резултатот беше изедначен - 1:1.
Завчера, пак, во саботата, се играше само еден натпревар, и тоа во двојки, кој го решивме во наша корист со што преминавме во водство, односно направивме пресврт, што на спортски план ретко ни се случува. Нашиот дубл Магдинчев/ Русевски со 3:1 (3/6, 6/3, 6/4, 6/2) ги совладал своите противници Ровас/ Јакуповиќ. Инаку, Ровас влегол како замена за Економидис, кој не можел да стои, а не и да игра.
И конечно вчера со победа во првиот меч во сингл против Ривас Магдинчев само ја најави големата победа против Грција. Ривас паднал по третиот сет и тоа со резултат од 3:0 (6/2, 7/6, 6/1).
А печат на триумфут, како виза за славењето, ставил кој друг ако не Русевски, кој експресно, со 2:0 (6/1, 7/6 - 3) го добил Гемохидис кој влегол како замена за првично пријавениот Алексиу.
Секако, победата против Грција е историска. Во даденава ситуација, знаејќи ги односите со нашиот јужен сосед, да се извојува победа против Грција и во џамлии е успех, а не и во тенис.
ГОРАН ШЕВЧЕНО - ТРЕНЕР
Ветеното го реализиравме
"Ветеното пред заминување за Грција го реализиравме. Сознанијата дека во моментов сме поквалитетна селекција се остварија. Грција падна со 4:1. Со тоа не само што Македонија обезбеди опстанок во 2. Евро-африканска зона туку продолжува да игра за пласман во 2. коло каде за противник ќе го имаме победникот од мечот меѓу Зимбабве и Норвешка, и тоа за првпат во историја. Момците заслужуваат честитки. Дадоа максимум, играа до последниот атом на енергија. Што се однесува до домаќинот, немам комнетар. Н$ примија на најдобар можен начин. Во ниту еден момент не почувствувавме провокација по кое било прашање. С$ беше на висина. Веќе почнавме да славиме. Се планира заедничка свечена вечера, со домаќинот, по што веднаш тргнуваме за Македонија", беше кусиот кометар на Шевченко веднаш по победата.
Браво мајстори.