Фронт за поддршка на абортусот
Со забраната нема да се зголеми наталитетот, велат противниците на владината кампања
Дали Владата смета дека со инквизициски методи ќе го подобри наталитетот во државата? Ова прашање на Владата и' го упатуваат седум невладини организации здружени во Коалиција за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници. Тие бараат од Владата итно да ја повлече или измени кампањата што е против абортусот, за што веќе поднесе реакција до ресорните министерства.
Тендерот за кампањата е распишан на 29.12.08 и е отворен до 23 февруари. Тој тендер, како и работната верзија на новиот закон за абортус, се чуваат во голема тајност. Кампањата е полна со грешни податоци и за бројот на абортуси и за самиот абортус, велат од коалицијата, со што јавноста се манипулира и заплашува дека абортусот е небезбеден и секогаш предизвикува последици.
Кампањата е така срочена што ја нарушува секуларноста на државата и ги крши сексуалните и репродуктивните права на жената, укажуваат невладините организации. Абортусот се прикажува како „насилно прекинување на бременоста“, а „раѓањето на детето е благослов“. Место да се намалува бројот на абортуси, со ваква кампања само може да се зголеми и жените да се доведат во ризик поради вршење абортуси во нелегални и сомнителни услови.
„Со кампањата абортусот се прикажува како убивање на жив организам, што е спротивно на целите за репродуктивно здравје и за повеќедетно семејство“, вели Славчо Димитров, координатор на коалицијата, кој додава дека со кампањата се врши дискриминација на жените и создава стигма за абортусот.
Димитров смета дека оваа кампања, која најверојатно е во функција на забрана за абортусот, може да биде контрапродуктивна. „Место 6.000, ќе има 30.000 абортуси и тоа во нелегални и нехигиенски услови, со што жените ќе страдаат и умираат“, предупредува Димитров, и ја потсетува Владата дека доволно е да погледне во историјата и да види колкава штета ќе се направи со ограничување на правата на абортусот.
„Во Романија, во времето на Николае Чаушеску, кога абортусот бил забранет, умреле 20.000 жени кои абортирале на диво. Во Холандија и во Белгија, пак, каде што има најлиберални закони за прекин на бременост, абортираат само 10 отсто од бремените“, објаснува Димитров. Затоа, тој смета дека Владата е во голема заблуда ако мисли дека со ограничување на абортусот ќе го покачи наталитет и прашува зошто во кампања се користат и религиозни термини кога живееме во секуларна држава.
За него е многу срамно Владата која прави кампања тешка речиси половина милион евра да се потпира на неофицијални податоци, со што го негира постоењето на релевантните институции кои работат на статистика и епидемиологија.
А фактите говорат дека бројот на абортуси во државата се намалува. Така, во од 665,1 абортуси на 1.000 живородени 1991, во 2006 година се стигна до 272,9 на 1.000 живородени. Вкупно, тоа биле 6.690 абортуси во 2006 година. И да се земат предвид и дивите абортуси и тие да бидат колку и легалните, нема да се добие бројка од 30.000 абортуси, како што излезе со неофицијален податок невладината организација „Ревита“ од Битола. Во Македонија лани се родиле околу 22.700 бебиња, што е за околу 2.000 помалку од 2001 година кога биле родени 24.183 деца.
Против владината кампања за абортус се и опозиционите партии. Вчера се огласи Форумот на жените на ЛДП кои сметаат дека проблемот со наталитетот не се решава со рестриктивен абортус. „Недозволиво е жената да се третира само како средство за репродукција. Таа е и економски и интелектуален столб на семејството и нацијата“, вели Мери Минчовска.
И СДСМ планира да реагира за ограничувањето на абортусот. За утре се најавува пратеничко прашање за абортусот.
И додека Владата планира за ги заостри мерките за абортусот, новиот американски претседател Барка Обама ги либерализира правата за абортус. Тој ја укина забраната за финансирање на групите и клиниките кои изведуваат или делат совети за абортус.
Извор: Утрински весник, 29.01.2009