ЖАЛНА СЛИКА НА НОВИОТ СТАДИОН "МЛАДОСТ" - СТРУМИЧКИОТ КЛУБ ЖИВЕЕ ДЕН ЗА ДЕН
Таковски бара 100.000 евра за Беласица
*Покрај сумата која треба да се плати во кеш, клубот од Струмица има и долгови од околу 180.000 евра
Остана само кенгурот на логото од онаа силна екипа која постоеше таму некаде во Струмица пред 3-4 години кога се бореше за титулите, кога вадеше супер таленти и кога Ванчо Таковски беше јак, моќен и главен во тој град. Сега не е така. Единствено добро нешто во Струмица е реновираниот стадион "Младост". Сепак, струмичани се прашуваат што ќе им е најубавиот стадион во земјава кога немаат што да гледаат на него. Нема екипа, Беласица живее ден за ден и полека згаснува.
Ванчо Таковски сега ја нема таа моќ па така Беласица со него не може да ја врати старата слава. Струмица има моќни и богати луѓе кои сакаат фудбал и кои сакаат да му помогнат на клубот. Дознавме дека се фомирал одбор за спас на екипата. Имале контакти со Таковски и претседателот на Беласица седнал на иста маса со нив. Побарал цифра од 100.000 евра.
И што се случува сега. Таа цифра е прифатена, но се појавува нов голем проблем. Долгови!!! Цифрата е околу 180.000 евра со можност да се зголеми затоа што може секој ден да се појават нови побарувања.
Сега градот е единствениот кој се обидува да стори нешто повеќе. Се прават шеми, контакти и разни математики, но веќе е доцна. Сезоната е загубена, а со ваквиот однос и начин на работа струмичкиот тим исто како и лани е главен фаворот за испаѓање од Втората лига. Нема спас во лавиринтот наречен Беласица.
А летово имаше надеж. Неколку познати фудбалски имиња како Георгиев, Петковски, Христовски....почнаа да тренираат со екипата. И тие беа на страната на луѓето кои сакаа да направат превласт во Беласица. Сега и овие фудбалери дигнаа раце од нивниот матичен клуб па така покрај стадионот "Младост" сега останаа да тренираат само неколку голобради момчиња. Познавачите на случувањата во Струмица велат дека и младите деца си одат од клубот и среќата ја бараат во соседните Турново, Нов Милениум...
Тука само би потсетите дела благодарение на Беласица и Таковски во овој наш македонски фудбал се појавија Горан Пандев, Ацо Стојков, браќата Попови, Балдовалиев, Масев...Сепак, имињата се од оние славни денови а сега нема ништо што би потсетило дека Струмица е главниот извор на таленти во Македонија. Не се работи како порано, а клубот нема доволно финансиски средства.
И. Д. Ивановски
Бугари го купуваат клубот
Со денови се споменува дека струмичките бизнисмени и градот ја загубија битката за Беласица со луѓе од Бугарија кои наводно веќе се договориле со Таковски околу клубот. Така вчера и на локалната телевизија е најавено дека работата со луѓето од Бугарија е завршена. Сепак, с$ уште во тајност се држат луѓето со кои Таковски веќе направил договор. Дознавме дека бизнисмените од нашиот источен сосед со месеци се обидувале да најдат договор со Таковски, кој со оваа опција би останал во клубот.
Ако с$ е договорено се поставува прашањето зошто новите спонзори с$ уште ги нема. Сезоната почнува за една недела!!!
Кој ја спаси Беласица!?
Фудбалските работници во Струмица немаат дилеми. Сите јавно говорат дека Ванчо Таковски не е тој кој ја спасил Беласица од опстанокот во Втората лига. Него го немало три месеци, а познати бизнисмени давале пари со кои клубот во последните 5-6 првенствени кола собра доволен број бодови со кои го сочува второлигашкиот статус. А Таковски сега пак го нема. Во клубот секојдневно може да се сретне само Митко Марангозов.
Секогаш Горан Пандев!!!
Кога ќе се спомне Беласица и кога ќе се спомене можноста за заминувањето на Ванчо Таковски веднаш сите го споменуваат и името на Горан Пандев. Не е тајна дека фудбалерот на Лацио неколкупати од свој џеп дал пари за да помогне. Ако не директно на клубот тогаш на неговите другари кои играа во екипата.
Сека пак се шират шпекулации дека Пандев би инвестирал во Беласица како што тоа го направи пред неколку години во Турново. Покрај нашиот најдобар фудбалер интерес за Беласица, и тоа голем, има од градоначалникот Заев, потоа од сопствениците на фирмите како "Јаворшпед", "Џордан"...