Follow along with the video below to see how to install our site as a web app on your home screen.
Забелешка: This feature may not be available in some browsers.
Вечна, до кога?ВЕЧНА СИ МАЈКО !!!!


Дочекавме 22 години независност.
Се сеќаваш на 91та година кога станавме независна земја? Јас бев во основно школо, моите дома беа убедени дека го одбравме најдоброто решение, сите излегоа да гласаат за подобро утре, кои поради лично убедување, кои поради страв од братоубиствената војна која ни тропаше на врата. Се беше нејасно во тие денови, вестите кои идеа од нашата заедничка Југославија говореа дека нешто лошо ќе се случува. Станавме независна земја и ги затворивме границите да не ни се прелее војната. Можеби тоа историски гледано ни е најпаметниот потег кои сме можеле да го повлечеме.
Се разбира земјо моја ништо не е без цена. Така да ние останавме и без пари и без систем и без оружје. Во желба да се тргнеме од прангите на војната се изолиравме како бездомник. Требаше да почнеме од нула. Возрасните велеа дека ќе биде добро, се ќе се среди само треба време да помине. На МТВ која ни беше единствена телевизија во тоа време имавме пренос од војната во соседството. Такви крвави сцени, такви протерувања, солзи, егзодуси не сум видела дотогаш. Додуша на тоа време претходеа вестите за Чаушеску кој со својата војска го изгази сопствениот народ кој беше собран на плоштад да протестира. Заврши неславно, убиен од сопствениот народ, војската се сврте против него.
Војната почна со првата жртва младиот војник од Кавадарци кој служеше во ЈНА Сашко Гешовски. Луѓето од Македонија почнаа панично да си ги бараат своите деца кои служеа војска. Многу воени лица на ЈНА заедно со семејствата заминаа да се борат од било која страна. Имав школско другарче се викаше Жарко, неговиот татко беше воено лице и ги зема со него. Се прашувам дали воопшто ја преживеа таа војна. Досега немам слушнато вест за него. Сликите се редеа една по една, Милошевиќ претставен на МТВ како „ослободител“, Туѓман како ѓавол, Али Изетбеговиќ како жртва и безгласна буква и многу полни камиони со тукушто убиени лица.
Ние како независна држава имавме само пренос на војната, тоа во денешно време му доаѓа наместо терминот за турска серија. Сите седнати пред тв и гледаме кој колку и каде убил, кој колку и каде освоил, кој град е повеќе разурнат. Тоа беа вестите од страна, домашните вести идеа вака. Навикнати на убав живот, сите родители работеа, автобусите во 6 саат ги собираа на работа илјадници и илјадници работници. Првата вест одекна веднаш по осамостојувањето Порцелнка ја затворија! 3000 работници останаа без работа, честопати и двајцата родители наеднаш. Не помина ни година се слушна нова вест Свилара ја затворија 1500 работници останаа дома. Лошите вести се редеа една по друга Чик Куманово го затворија, 11 Октомври, Охис отпушти стотина работници, Емо Охрид отпушти стотина работници, Застава Охрид ја затворија илјадници луѓе ги напуштиле.
Се сеќаваш Македонијо кога парите на дедо ми кои ми ги даваше да си купам нов ранец и школски прибор наредниот ден вредеа колку едно лижалче? Се сеќаваш кога моите земаа плата во милиони? Да не речеш дека и ние некогаш не сме биле милионери. Сите пари и заштеди ги изгореа на граѓаните, ако вчера чоколадото беше 100ка наредниот ден беше 1000ка, инфлацијата газеше. Како тоа да не ни беше доволно Грција ни залепи ембарго. Границите ни ги затворија, почнаа да ни бараат визи за да излеземе.
Ние бевме транзициона генерација. Сите експерименти во образовниот систем ги поминавме, среќа пред затворањето на границите имавме можност да прошетаме па останавме делумно заслепени. Додека го споменувам образованието да те потсетам за настаните во 97ма година, кога Албанците побараа образование на свој мајчин јазик. Преврирањето започна од тогаш, вестите се префрлија на домашна сцена. Додека ние се занимававме со протести против Тетовски универзитет, одекна вториот бран на пустош. Благој Ѓорев го затвориле 2000 работници ги напуштиле, Елегант го затворија 1000 души, Лозар стави клуч на повеќе сектори 2000 души без работа и најјаката вест ја затворија Топилницата 3000 души со Хив напоље. Можеш ли Македонијо да ги преброиш судбините на луѓето само во еден Македонски град? Дали можеше да ги преброиш секојдневните вести во цела Македонија? Се разбира не, никој неможеше да ги доброи. Се создаде армија стечајци, не испокрадоа Македонијо дали виде!
Единствената светла точка од тие денови беа ракометарките на Македонија кои не радуваа. 97ма година освоија 7 мо место на Светско Македонијо! Ги дочекавме како да освоиле златен медал, никад дотогаш Македонска репрезентација не се имаше пласирано на Светско првенство. Ја победивме и Данска која стана Светски шампион таа година, единствениот пораз и беше од нас. Коментаторот заплака на тој пренос со зборовите „Радувајте се Македонијо!!!“. Тоа беше прв пат да си ја почувствуваме независноста на Македонија, дотогаш се радувавме на Србија и остатокот од Југославија.
Следеше нова војна кај соседите, повторно не мирисаше на добро. За политички гласови примивме илјадници и илјадници Косовари на кои им иштампавме документи, непостоечки, измислени, и насилни. Се разбира без причина нема последица, веднаш по тоа дојде и 2001 година Македонијо. Под превезот „човекови права“ загинаа 75 млади луѓе во одбрана на земјата од „угнетените“. Вечна нека им е слава Македонијо. Вечна слава и на детето кое си играше кошарка пред својот дом. Освен што добивме наметнат договор, добивме и визи од сите страни. Не забарикадираа како да сме заразни. Никаде не не пуштаа да излеземе, многу тешко добивавме визи дури и за прошетка. Внатрешно не уништија, надворешно не заградија. Се разбира новина во се ни беа новите сограѓани кои брзо се преформулираа во староседелци. Моја земјо мила се сеќаваш дека ни беше забрането да идеме на матурска прошетка низ Европа? Немаше кој да ни ги даде визите, бевме заразно подрачје. Не однесоа до Охрид како замена.
Следеше филмот на соживот, искрена да бидам на почетокот верував дека мулти култи земја само ќе не однесе напред. Таква кампања ни водеа, влеговме во машината. Верувавме дека може да живееме и да се разбереме. Се додека не прогледавме подобро, дека секогаш ние сме кривите Македонијо. Ние генерацијата не вечни виновници, научена да молчи оти има и полошо.
Потоа дојдоа годините во кои изгласавме преродба. Гледаш ли Македонијо како те преродивме? Знаеш дека најискрено ги посакувавме промените, зарем не си задоволна? Ќе ми простиш што дозволивме уште еднаш да не излажат, можеби веќе ти се навикна на нив, но нас ќе ни суди историјата. Саудиска Македонија. Нели не бевме ние за така земјо моја? Ние кои успеавме да ја преживееме транзицијата, инфлацијата, преврирањата, да ги преживееме ембаргата, негирањата, уценувањата, потпишувањата на договорите, не бевме за така. Ние кои сме воспитани да молчиме, да ја наведнеме главата подолу, ние кои апсолутно никогаш не застанавме на страната на правдата, на вистината, ние кои до ден денес ја виткаме кичмата пред твоите крвопијци политичарите, ние сме виновни за се. Прости ми. Прости им и на следните генерации кои пораснаа затворени и изолирани, кои ги следеа нашите стапки да молчат, кои длабоко се напикаа во партиски гз и си ја чекаат шансата за парче леб.
Прости ни што на крајот покрај тоа што ти ги донесовме на власт истите фаци од твојот прв роденден со некои мали промени изминативе 22 години, на крај и те оставивме сиромашна и беспросперитетна немо да гледаш што се случува. Прости ни што мора да те напуштиме иако ние го донесовме тој избор. И прости ми што ми ја убија желбата да живеам во тебе. Ми ја уништија секоја искра, секој мотив и секоја мисла да се вратам и да ти помогнам. Не си крива ти, ние сме.
Среќен Роденден Македонијо да ми бидеш вечна!
