Николо Макијавели во една своја книга ни го опишал примерот со античка Картагина, град – држава која за некоја своја војна ангажирала странски платеници како свои војници. По завршувањето на војната, Картагина одбила да им го плати дополнителниот ветен бонус на своите платеници пред да ги отпушти и тие се побуниле. Водачите на платениците свесни за својата ризична положба и знаејќи дека политичката елита на Картагина е многу итра и склона кон заговори и задкулисни интриги, се исплашиле за своите животи бидејќи до нив дошла вест дека Картагинците решиле да им го дадат ветениот бонус на платениците, но под услов овие да им ги пратат како заробеници нивните водачи.
Со други зборови, Картагинците им дале на побунетите платеници понуда која што овие не можеле да ја одбијат: вам ќе ви простиме и ќе ви платиме што ви должиме, ама под услов да ни ги дадете оние кои ве поведоа во вашиот бунт против нас. Исплашени за своите животи, раководителите на бунтот ја направиле единствената паметна работа која што можела да им ги спаси главите: кога дошле преговарачи од Картагина да преговараат со бунтовниците и на платениците да им ја изнесат понудата за поткуп во замена за главите на нивните водачи, раководството на платеничката војска моментално, пред преговарачите дури и да можат да се престават и да си ги кажат имињата, им ги отсекле главите на преговарачите!
И потоа, во кошници им ги пратиле назад на властите во Картагина со порака дека сите платеници кои биле во состојба на бунт, сите учествувале во убивањето на преговарачите и дека со тој чин тие решиле симболично да „ги запалат мостовите“ за помирување и преговори и дека се решени да одат до крај – или победа или смрт. Јасно е дека по ова, Картагинците ги отфрлиле сите можности за понатамошни преговори и поткупи и тргнале во борба против своите побунети платеници. А платениците се бореле до смрт, затоа што знаеле дека после она што Картагинците мислеле дека сите платеници го сториле, немало веќе можност за барање прошка.
Е сега, која е врската меѓу овој пример раскажан од легендарниот и контроверзен политички мислител Макијавели и нашата политичка реалност? Па, многу просто, овде Никола Груевски и неговиот тим ја играат улогата на побунетите платеници против Картагина, а Картагинците секако се водачите на СДСМ, таа криминализирана и корумпирана банда, која за среќа веќе две години не е на власт.
Во случајов, логиката која стои зад спектакуларните апсења и постојаниот прогон врз опозицијата е како сечењето на главите на преговарачите испратени од Картагина.
Премиерот во едно интервју се беше пофалил дека дома имал збирка од над две илјади книги, и тоа главно од историја, политика, економија... ништо чудно што му се потребни четири станови, едниот сигурно му служи како библиотека за сите тие книги. Ако барем половина од книгите по историја ги прочитал, тогаш сигурно знае што го чека ако го изнервира народот свој. Знае дека народот дава власт и зема власт и дека ако му ја земе власта, оние што сега ги прогонува и апси спектакуларно ќе му земат сѐ останато и ќе го фрлат во затвор, за многу години.
Tоа е добро. Добро за нас, обичните луѓе кои само сакаме да живееме во модерна, напредна, богата држава, со економска перспектива за сите нас. Со премиер кој всушност ни е заложник нам, кој буквално го чека темна иднина во темни зандани ако ние го шутнеме од власта, тој ќе стори сѐ за да не нѐ налути нас, гласачите. А најдобар начин и единствен сигурен пат за да го постигне тоа е да работи паметно и чесно.
И затоа,
да живеат спектакуларните апсења мотивирани од политички побуди! Токму тоа и треба на Македонија за да има чесна власт, власт која ќе се плаши да не го налути својот народ.
Патем, кога веќе зборуваме за прогонувањето на опозицијата, забележавте ли дека откако претседателот го помилува Заев, од партијата на струмичкиот градоначалник како да заборавија на целата работа, ни пресови држат, ни дебати или трибини организираат. Тотален молк.
Се чини дека единствените кои се трудат таа тема да ја одржат во фокусот на јавноста се вмровците заедно со „нивните“ медиуми и невладини организации, и самиот Заев.
Знае некој зошто?
