10. Samo jednom se ljubi / You Love Only Once (1981)
Доста комплексен филм. За да се објасни што е она што навистина го издвојува од останатите пост-воени југословенски филмови и кое е неговото значење во југословенската и хрватската кинематографија, мора да почнам со малку историја (иако го спомнав малку истото погоре). Кон крајот на 60-тите години на минатиот век, група млади филмски ентузијасти од поранешна Југославија решиле своето образование да го продолжат на познатата FAMU (Прашка филмска школа). Под влијание на Чешкиот „Нов бран“ и Прашката пролет, по враќањето дома, овие млади режисери во 70-тите и 80-тите создале авторски филмови кои се одликуваат со една слична естетика, кои ја вратиле Југославија на светската филмска карта и кои се многу поразлични од се она што до тогаш се снимало во Југославија. Така, наместо ликовите кои проповедаат некакви идеологии и стереотипизираноста која завладеала по т.н. „Црн бран“ во Југославија, во филмовите на овие млади автори (Лордан Зафрановиќ, Рајко Грлиќ, Срѓан Карановиќ, Горан Паскаљевиќ, Горан Марковиќ и нешто подоцна Емир Кустурица) главни ликови се обичните луѓе, а во филмовите доминира хумор, иронија, хуманизам и една навистина нова креативна енергија. Откако ваквите филмови почнале да ги собираат сите награди по домашните филмски фестивали (Пула, на пример), започнал митот за т.н. „Прашка школа филмови“. И иако овие автори никогаш сами не кажале дека претставуваат една група, еден правец, не истапиле со манифест или програма (како кај Догме филмовите во Скандинавија, на пример), сепак нивните филмови кои споделуваат една слична естетика и ден денес се сметаат за едни од најдобрите остварувања од поранешна Југославија на еден посебен „бран“.
„Samo jednom se ljubi“ е и малку подоцнежен филм во рамките на овој бран, па според мене креативната слобода тука е дури уште поголема, зашто времињата кога филмовите во Југославија биле само пропаганда се многу подалеку од претходно. Рајко Грлиќ извршил одлична работа тука! Сценариото е, реков, комплексно и за восхит. Дијалозите во филмот се беспрекорни. А Мики Манојловиќ (тука млад и со една енергија со каква го немам видено до сега на филм) е извонреден! Неговата глума одзема здив! За

на Владислава Милосављевиќ нема ни потреба да се зборува!
Инаку, во филмот станува збор за раните години во пост-воена Југославија, кога еден поранешен партизан, Томислав, сега член на Титовата тајна полиција, се труди да си го најде своето место под сонцето во новиот дом, но е растргнат помеѓу службата, и љубовта кон една балерина која потекнува од богата фамилија, а со која класните разлики се и повеќе од евидентни, па се чини дека новите „битки“ кои мора да ги извојува се потешки од оние во војната. Тука јас забележав и блага латентна критика кон социјалистичкиот режим, иако можеби немало таква намера. Но од денешна перспектива, не може да се занемари и такво толкување. За храбрите интимни сцени веројатно не ни морам да зборувам - во тој поглед ова може да се нарече: југословенскиот или хрватскиот In the Mood for Love, на пример (иако споредбата е секако неумесна). Овде единствено ми сметаше мракот и сенките, а тие ги имаше во изобилие, што верувам дека е уште едно парче од авторскиот печат на Грлиќ, но можеби да гледав подобра снимка од филмот (ако воопшто има таква) и немаше да ми биде до толку проблем. Вака на моменти се мачев да распознаам што гледам, до толку темницата играше главна улога во некои сцени. Пак ќе речам: ако некогаш ова се реставрира (или ако веќе е реставрирано), ping-нете ме, би сакал да го гледам и со поубава слика. Убав филм! 8/10