Повод за денешната прес конференција е вчерашното делумно соопштување на информациите од страна на Владата за извештајот Doing Business.
Да биде јасно, СДСМ го почитува извештајот на Светската банка и го поздравува напредокот на Македонија во четирите области: градежни дозволи, регистрација на имот, информациски систем за кредити и брзина на решавање на стечај. Но, на јавноста сакаме да и го предочиме она што вчера го сокри Ставревски.
Ставревски не кажа со кого земјава се натпреварувала за третото место. Знаете? Со Сао Томе и Принципе. Кои земји се пред нас? Мароко и Молдавија. Кои други земји се во топ 10? Зеленогорските острови, Сиера Леоне, Бурунди, Соломонските острови и Колумбија. Македонските кошаркари играа со Русија за трето место, а пред нас беа Шпанија и Франција. Не е исто!
Doing Business се фокусира само на 11 области со цел да ја измери регулативата која е важна за водењето на бизнис. Извештајот не ги мери сите аспекти на бизнис окружувањето кои се важни за фирмите или инвеститорите. На пример, извештајот не ја зема предвид партизацијата на институциите, корупцијата и квалитетот на инфраструктурата.