Бристол Сити со понуда за Наумоски
*Англичаните се подготвени да платат 600.000 фунти отштета на Матерсбург
Во текот на денешниот ден австрискиот тим Матерсбург треба да даде одговор на понудата од англискиот тим Бристол Сити за Илчо Наумоски. Ова е нова шанса за трансфер на нашиот репрезентативен напаѓач на островото а можеби и последна прилика уште ова лето тој да замине од Австрија. Луѓето од Бристол Сити понудата за Наумоски ја пратиле во неделата или ден по одличниот настап на нашиот фудбалер на дерби дуелот со Рапид на кој даде гол во самиот финиш од средбата кој неоправдано е поништен.
"Матерсбург ја има понудата и треба брзо да одлучи", беше кусиот коментар на Јошко Роков менаџерот на нашиот фудбалер кој надополни дека ќе има подетални информации по состанокот на фудбалерот со челниците на својот клуб кој траеше доцна синоќа.
Дознаваме дека Бристол Сити е подготвен да плати отштета од 600.000 фунти за Наумоски но и таа цифра не е доволна за првиот човек на Матерсбург кој досега фрли во "корпа" еден куп понуди за Наумоски.
Фудбалерот има уште една година договор со австрискиот тим и инсистира да замине во Англија иако ќе ја почитува одлуката на челниците на австрискиот клуб.
Наумоски кој вчера го славеше својот 25 роденден посакуваше најдобриот подарок да го добие од Матерсбург а тоа би било дозвола да замине во Бристол Сити.
Англискиот тим е член на втората по ранг лига во својата земја и клуб кој лани го загуби баражот на "Вембли" за влез во елитата на Англија.
"Се надевам дека до крајот на неделава ќе имаме нов напаѓач. Тој е од Австрија има 25 години и ќе биде големо засилување за нас", е изјавата на Гери Џонсон менаџерот на Бристол Сити кој во саботата го гледаше Наумоски на дуелот со Рапид.
Судбината на Наумоски се решава во текот на денешниот ден а последниот рок за одговор на Матерсбург е 19 часот.
И. Д. Ивановски
Англиска "династија"
Може да се направи серијал за Илчо Наумоски околу понудите кои тој ги имаше од Англија. Вистинска "династија"!!! Уште од времето на ГАК тој беше интересен за островјаните. Астон Вила во тоа време беше актуелна. Но во последниве неколку месеци и медиумите во Англија го селеа во неколку клубови а официјалните понуди беа од Сандерленд, Ридинг...но и од Кристал Палас, Ипсвич, Норвич а еве сега и од Бристол Сити. Ќе успее ли...?
http://sport.com.mk/?ItemID=617018C248CBB74BB178C81C677C98BE