Зимска трампа на великаните
Станува се поизвесно дека триаголникот Милано, Мадрид и Барселона наскоро ќе биде затворен и дека двете големи ѕвезди Кака и Роналдињо по јануарскиот преоден рок ќе бидат во своите нови клубови.
Шпекулациите за големите зимски трансфери на Кака и Роналдињо полека како да стануваат реалност.
Барселона е се погласна во најавите дека ја прифаќа понудата од 65 милиони евра за да го пушти Роналдињо во Милан. Сума на пари со која во каталонскиот клуб можат да ги пополнат сите дупки во стартната постава.
Претседателот на италијанскиот тим, Силвио Берлускони парите за бразилскиот ас би ги обезбедил со продажбата на својата голема ѕвезда Кака во Реал.
Зделка во која кеш ќе види само Барселона, но трансакција во која нормално сите ќе бидат среќни и задоволни.
"Имам договор со Милан до 2011 година, мене не ми се брза да го продолжам, а гледам дека ниту во клубот нешто не им се брза. Ако претседателите на двата клуба се договорат, добро јас си заминуван, ако не јас останувам во Милан", изјави Кака, кој прв се реши да ги прокоментира шпекулациите.
Барселона е поопуштена околу заминувањето на Роналдињо, кој игра се послабо, а неговото евентуално заминување се отвора простор за Меси, но и за ѕвездите кои доаѓаат Сантос и Кркиќ.
А на Милан и Реал ќе им се реализира сонот во кој Роналдињо и Кака би ги носеле нивните дресови.