http://www.a1.com.mk/vesti/default.asp?VestID=90739
Највисокиот партиски орган на ДПА, Централното собрание вечерва во Сарај едногласно ја потврди одлуката на партиското раководство за напуштање на владината коалиција.
„Нашата партија од вечерва или поточно од утре повеќе не е член на коалицијата што почна да работи пред 19 месеци. Оваа одлука не е насочена против никого, ни против ВМРО-ДПМНЕ, ни против ДУИ, ни против СДСМ, ни против Македонците, туку напротив е про државата Македонија, про суверенитетот и интегритетот на Македонија и про патот кон евроатлантските интеграции“, рече претседателот на ДПА Мендух Тачи на прес-конференција по седницата на Собранието на партијата.
Тој посочи дека од утре сите релевантни фактори во Македонија ќе се обидат да постигнат политички консензус за влез на Македонија во НАТО.
Прашан дали е точно оти премиерот Никола Груевски не сака Македонија да влезе во НАТО, Тачи рече дека Груевски и ВМРО-ДПМНЕ не се единствените дежурни виновници за настанатата ситуација.
„Вината сите ја сносиме можеби Груевски најмалку бидејќи помалку време од нас е во раководните структури. Луѓето кои сакаат евтини политички поени во овој период не се сериозни“, рече Тачи.
Во врска со поканата од НАТО и проблемот со името со Грција, Тачи нагласи дека се надева оти, како што рече, нашите поддржувачи ќе успеат да издејствуваат решение никој да не чепка во идентитетот.
„Ако ги решиме сите проблеми кои ги имаме ќе ја доведеме Грција во многу тешка состојба да стави вето. Како партија поддржуваме идентитетот и името да не се чепка, но не поддржуваме политика на фрустрации каде сака некој да профитира. Нема да дозволиме никој, ниту Грција ниту пак било која земја да чепка по идентитетот на на нашите сограѓани“, порача Тачи.
Прашан дали излегувањето од коалицијата не е направено во договор со Грција со цел Македонија да не влезе во НАТО, Тачи рече дека тој сигурно е еден од македонските политичари кои грчката влада не ги сака.
„Немам ни минимално разбирање за ветото на Грција и за злоупотребата на историјата што ја прават“, истакна Тачи.
Коментари?