38% Македонци би ја напуштиле државата
Повеќе од психолошки отколку од практични причини. Најавеното укинување на визите направи граѓаните да се почувствуваат како Европјани, иако голем дел од нив велат дека и догодина нема да имаат пари да ја видат Европа.
Дел пак, се уште се скептични дека наскоро ќе можат слободно да патуваат.
„Се не лажат досега, не може да не лаже ЕУ. И таму е хаос, безработица, работата е кај нас да се среди работата, да се запослат луѓето, да се отвораат работни места. Не е тоа најбитната работа, битно е и тука да има живот. Во нашата држава се знае - ограничено е се, па се надеваме дека надвор е подобро. Јас сигурно би се отселил“, велат граѓаните.
Социолозите на почеток очекуваат поголем бран на одлив на население, но не и драматичен. Велат дека штом граѓаните ќе станат свесни дека ќе можат слободно кога сакаат и колку пати сакаат да ја напуштат земјата, ќе одат и повторно ќе се враќаат. Очекуваат и драстичен пад на барањата за бугарски пасоши.
„Луѓето го доживуваат тоа како заминување на гетото од нас, како дефинитивно отворање на Европа кон нас, дека ние постепено веќе дефинитивно се потврдуваме себеси како дел од европскиот дом и тоа мислам дека е психолошки ефект којшто ние во Македонија многу долго го очекувавме“, изјави Ѓорѓи Тоновски, универзитетски професор на ФОН.
Во Македонија досега никој не направил истражување колку од граѓаните сакаат да се иселат од земјава. Демографите денеска одбија да говорат.
Според истражувањето направено од еден европски институт, 38% од македонските граѓани сакаат да ја напуштат државата. Како главни причини ги навеле нискиот животен стандард, невработеноста и нерешеното станбено прашање.
Според истото истражување, поголема емиграција во ЕУ би имало од Хрватска, 43 проценти, и од Албанија, цели 70 проценти.
Освен што не е голема миграциска закана, Македонија не е ниту безбедносна закана за Унијата. Има многу малку државјани што бараат азил, како и такви што престојуваат нелегално.
Извор - А1