ЛЕГЕНДАТА ЖИВЕЕ И ПО ТРАГИЧНАТА СМРТ
Тоше направил магична песна за внукот
Песната што Проески ја напишал за внукот Кристијан, а ќе биде промовирана на утрешниот концерт на Градскиот стадион во Скопје, англискиот продуцент Енди Рајт ја опишува како „магична“
Секогаш кога доаѓал во Крушево, Тоше го земал Кристијан во студиото, да биде крај него додека создава песни
„Мое малечко, длабоко во своето срце знај дека никогаш нема да се разделиме“, се дел од стиховите што Тоше Проески му ги пее на внукот Кристијан, во нивната заедничка тема My Little One. Композицијата, отпеана на англиски јазик, како и дел од видеоспотот за неа, ќе бидат презентирани на утрешниот концерт на Градскиот стадион во Скопје, во чест на трагично загинатата музичка ѕвезда.
Идејата на Тоше била на својот 11-годишен внук да му направи песна, која во почетокот ќе звучи како музика од цртаните филмови, а потоа ќе се развива и ќе прерасне во нумера во поп-рок-стилот што тој го негуваше. Својата музичка замисла му ја соопштил на продуцентот и композитор Енди Рајт, додека престојувале на Јамајка, каде што работеа на дел од песните за англискиот албум. Истовремено му нагласил дека има голема желба да сними дует со својот внук и дека посакува таа да му се оствари што побрзо. По смртта на Тоше, Рајт, откако дознал дека Проески направил дует, побарал да ја слушне темата и да ја доработи до крај.
- Енди се јави кај мене и ми рече дека е лично запознаен со желбата и намерата на Тоше и побара да ја слушне песната. Тоа беше пресудно, по долго размислување, семејството да реши да ја предаде снимката со дует-темата. Лилјана Петровиќ ја однесе снимката во Загреб, во студиото на Петра Црнетиќ за да се доработи, а потоа и во Лондон кај Енди. Тој ги направи комплетниот аранжман, микс и мастеринг на композицијата, токму во студиото каде што Тоше ги снимаше песните за англискиот албум. Не би сакал јас да зборувам за дуетот. Оставам публиката да го даде своето мислење кога ќе ја слушне. Само ќе го цитирам Енди, кој вели: „Песната е магична“ - вели Славен Ристески, зетот на Тоше.
Дует-темата е снимена еден месец пред смртта на Тоше, во неговото студио во Крушево. Таа ќе биде и на англискиот албум на Проески, кој ќе се промовира наскоро.
- Секогаш кога ќе дојдеше во Крушево, Тоше го земаше Кристијан во своето студио, да биде покрај него, додека ги создаваше своите песни. Тој го учеше да свири гитара и да пее не само на македонски, туку и на англиски јазик. Мојот брат беше среќен што Кристијан ја сака музиката и веруваше во неговиот талент - вели Дора, сестрата на мегаѕвездата и мајка на Кристијан.
Желба на Проески била на следниот свој концерт на Градскиот стадион гостин да му биде внукот Кристијан. Тие снимиле уште една дует-тема на англиски јазик, која Тоше комплетно ја направил, во текот на летото кога се одмарал во своето родно Крушево. Песната е во поп-рок-стил, а ќе биде промовирана со спот.
Неможам да дочекам да ја слушнам вечерва:nesum: