Хрватските станови ќе поскапат по влезот во ЕУ?
Процесот на приближување на Хрватска кон Европската унија донесе нова димензија на пазарот со недвижности, пишува хрватскиот весник „Вечерњи лист“. Движењето на цените на недвижностите во последните години ги заинтересира инвеститорите. Причината за толкав раст на интересот треба да се бара во зголемување на цените, а како последица на тоа, шансата за заработка што ја гледаат инвеститорите. Меѓутоа, економската криза, која почна во средината на 2008 година, создаде нови околности за пазарот на недвижности. Оттука, расте неизвесноста за тоа какви промени на овој пазар ќе се случат по влезот на земјата во ЕУ. Хрватскиот весник пишува дека во медиумскиот простор се објавени многу нереални очекувања како, на пример, дека откако земјата ќе стане членка, масовно ќе се купуваат куќи и станови, распродажба на земјиштето, брегот и слично. Доволно е да се спомене дека уште од 2009 година земјата целосно го либерализира пазарот на недвижности, што значи дека уште од тогаш правните и физичките лица од ЕУ се целосно изедначени со домашните при купување имот.
Анализата на искуството на транзициските земји што веќе станаа членки на ЕУ не дава јасен одговор на прашањето дали членството во Унијата значи и поскапување на недвижностите. Во некои земји во 2004 и 2005 година дојде до раст на цените на недвижности како, на пример, во Чешка, Естонија, Латвија и Словенија, а во други имаше пад на цените како, на пример, во Полска и во Словачка. Според „Вечерњи лист“, на пазарот на недвижности во Хрватска не постои хетерогеност, што значи постојат диспропорции во движењето на цените меѓу некои региони. Според последните податоци, во септември просечната цена за продаден стан изнесува 1.880 евра за квадратен метар. Просечната цена во Загреб била на исто ниво, а на брегот била за 8,2 отсто повисока од просекот. Во другите делови на Хрватска била за 36,3 отсто пониска од просекот на државно ниво.
Заклучокот од анализата е дека по влезот во ЕУ може да се очекува благ пораст на цените на недвижностите во деловите што излегуваат на море, а во остатокот од земјата не се очекува да има промени. Најголемо влијание врз движењето на цените ќе има економската ситуација во Хрватска. Kако што пишува „Вечерњи лист“, почетниот оптимизам и големите очекувања од влегувањето во ЕУ во голема мера спласнале и тоа поради економската криза. Според проекциите на Европската комисија, во 2013 година ЕУ ја очекува бавно економско закрепнување, што ќе влијае да постои помал прилив на странски инвестиции во Хрватска. Секако дека таквото севкупно движење ќе може да се почувствува и на пазарот на недвижности така што нема да има значајни промени на цените. На крајот, не треба да се занемарат и другите фактори што може да влијаат на движењето на цените на недвижности по влезот во ЕУ, како воведување данок на имот и очекуваниот раст на лошите кредити во банките. Јасно е дека без раст на севкупната економија, вработеноста и приходот на населението, не може да се очекува бум на пазарот на недвижности.
http://www.dnevnik.com.mk/default.asp?ItemID=EBD7CE221C10EA47A277FCAAABD6E15F
Ете видовте што ќе добие Хрватска со влезот во ЕУ.
За наша радост, владава треба да извлече поука од ова и секојдневното постојаното бомбардирање со ЕУ и НАТО полека да го релативизира, свртувајќи го вниманието кон сопствениот начин или стратегија за развој на Македонија сама, без силување на термините и по секоја цена.