Формула 1 останува без Супер Агури
Најбрзиот “циркус“ во светот останува посиромашен за еден тим. По долги перипетии, Агури Сузуки конечно објави дека неговиот тим повеќе не е во можност да продолжи да се натпреварува.
“Мојот дамнешен сон беше да станам сопственик на Ф1- тим. Тој доживеа реализација во месец ноември 2005 година кога аплицирав кај ФИА, за да веќе в Мелбурн следната година го имаме нашето деби. Оттогаш учествувавме во ова Првенство вкупно две години и четири месеци, но денеска, со голема жалост морам да ве информирам дека тимот прекинува со своите активности“, – беше емотивната изјава на Агури Сузуки пред новинарите во Токио, по неговата средба со Бордот на Хонда.
Тимот “Супер Агури“ се изгради врз пепелта на некогашен Ероус и се појави на патеката како втор тим на Хонда. Веднаш успеа да ги освои симпатиите на публиката со начинот на кој успеваше да им пркоси на поголемите и побогатите. Веќе лани, тимот стана вистински хит на сезоната со 4-те освоени бодови и пласманот на деветтото место во конструкторскиот поредок, бламирајќи го притоа А - тимот на Хонда.
Меѓутоа, сериозните проблеми започнаа на крајот од минатата сезона кога нафтената компанија “SS United“ не ги подмири своите спонзорски обврски. Оттогаш тимот живуркаше (зимоска се појави само на еден тест) од помошта на Хонда барајќи нов спасител во меѓувреме. Како таков се појави групацијата “Магма“, меѓутоа и тие му завртија грб на Сузуки, ненадејно и без објаснување. Последниот знак на надеж беше договорот со групацијата “Вајгл“, која својата волја да го спаси тимот ја докажа со тоа што му ги подмири трошоците за учество на ГН Шпанија, меѓутоа Сузуки откри дека времето ги претекнало.
- “Едноставно немавме доволно време да го комплетираме договорот со “Вајгл“. Откако “Магма“ се повлече летав по целиот свет преговарајќи со други можни инвеститори, но не успеав да обезбедам договор. На крајот, сепак успеав да постигнам основна согласност со “Вајгл“, но времето работеше против нас и на крај не совлада. Денеска, со енормните буџети кои се потребни, за нас е невозможно да продолжиме во Формула 1“, – гласеше последниот збор на Агури Сузуки.
Извор