Рено и Вилијамс ќе бркаат скалп од големата четворка
Во посебни медиумски настапи претставници на Вилијамс и Лотус-Рено најавија агресивен и храбар пристап во конструирањето на болидот за 2011 година.
Техничкиот директор на Рено, Џејмс Алисон, за својата екипа рече дека пристапот кон дизајнот бил на најхрабар од најхрабрите и дека очекува тимот да се врати на победничките патеки. Оваа екипа со Алонсо и Мишелин освои две возачки и две конструкторски титули, а последен гран при успех е триумфот на Алонсо во Сингапур 2008 година, за кој изби скандал со наводното намерно судирање на Нелсињо Пике во корист на стратегијата на Алонсо. Во тимот повеќе го нема ниту Алонсо, нити Бриаторе, ниту техничкиот директор Пет Сајмондс, ниту шефот на аеродинамиката Дино Тосо, кој почина од рак. Оттука, најавата за нови гран при победи на Алисон имплицираат дека оваа екипа со својот нов партнер Лотус Карс, фрлаат се на една карта со надеж дека ќе успеат да се вратат во врвот од елитното друштво на Формула 1.
- Секој што го следи спортот ќе забележи дека оваа година зборовите како „агресивен“ и „храбар“ се користат зачестено меѓу неколку тима за нивните солуции на болидот. Верувам дека ние го избравме најхрабриот од најхрабрите правци,- вели Алисон во видео прилог објавен на тимскиот сајт.
Тимскиот шеф, Ерик Булие, потврдува дека знаат оти ќе бидат многу посилни од лани, но сепак остава простор дека и другите можат да напреднат.
- Сакаме да победиме и сакаме да бидеме успешен тим во Формула 1,- гласи неговата изјава, која натаму е надополнета со објаснување за притисокот кој што си го наметнуваат за да успеат, а кој што ултимативно треба да ги позиционира меѓу првите три конструктори.
Претходно, Рубенс Баричело најави агресивен пристап од Вилијамс, за кој што потенцираше дека му се допаѓа.
- Тоа е агресивен стил. Пристапот кон болидот за 2011 е агресивен, што е добро, мене ми се допаѓа и го поддржувам. Доколку разговарате со било кој тим сега, тие ќе се обидат да ви продадат победнички болид. Тоа е до фантазијата. Некои нови болиди се подобри, а некои се малку повеќе подобри од лани. Но, гледано преку резултатите од возушниот тунел, изгледаме океј. Не смееме да се занесуваме и треба да останеме цврсто на земја, да продолжиме со работата,- рече Бразилецот.
Тој и во 2011 година ќе има нов тимски колега, откако екипата потврди дека го ангажирала Пастор Малдонадо, а потоа и дека постигнала договор за спонзорство со државната петролејска компанија од неговата татковина Венецуела. Нико Хулкенберг засега останува без ангажман, но откри дека ја одбил понудата на Вирџин.
http://www.f1almanah.mk/formula1/aktuelno/9963-reno-i-vilijams-ke-brkaat-skalp-od-golemata-cetvorka